Помеѓу дилемите дали зголемените даноци се добри за сите нас или, напротив, ќе направат поголема штета отколку добро, и понатаму остануваме со потребата од сузбивање на сивата економија и од намалување на јавната администрација, како и од подобрување на нејзината ефикасност
Новините во даночниот систем што претходниот викенд ги најави Владата сѐ уште ја брануваат јавноста, а зад себе оставија многу неодговорени прашања. Прогресивното оданочување најмногу ги загрижи бизнисмените, па многумина истакнаа дека на овој начин се уништува средната класа. Овде веднаш се наметнува прашањето зарем припадник на нашата средна класа добива 1.500 евра месечно, колку што е долната граница за планираното оданочување. Во земја каде што просечната плата се движи околу 24 илјади денари, тешко дека средна класа добива 90 илјади денари.
Да ги оставиме настрана групирањата во класи. Проблемот е што со новините што се воведуваат, од мерката за поголеми даночни зафати се спасија и премиерот и претседателот, а со нив и најголем дел од министрите.
Многумина сигурно се прашуваат какви врски потегна премиерот за да не биде оданочен со повисока камата на неговата плата. Од првите најави дека со повисока камата ќе се зарезуваат сите со плата над 60 илјади денари, Владата и министрите направија нови пресметки и точни калкулации, па прагот го кренаа на над 90 илјади денари. Иако премиерот Заев се пофали дека би сакал, ама немал толку висока плата за да помогне, бидејќи неговата била 87 илјади денари. За само три илјади денари не може да им помогне на социјалните случаи. Ниту тој, ниту министрите, ниту пратениците, иако сите сакаат.
Веројатно тука можеме да им помогнеме со еден предлог, за да дојде до израз дарежливоста на народните избраници, кројачите на законот за даночни реформи можат да ја намалат границата на 85 илјади денари, па ќе може и премиерот да донира за најсиромашните.
И додека експертите, професорите, засегнатите и незасегнатите се расправаат како ќе се спроведат мерките на дело и како ќе влијаат врз засегнатите, останува енигма како сивата економија ќе се вклучи во регуларното работење и во новите повисоки даночни стапки… И домашните и странските експерти постојано укажуваат дека сивата економија опфаќа голем дел од домашниот БДП, но ниту една влада не најде начин како да ја намали или како да ги примами тие работници и компании да станат дел од регуларните канали на работење. А процените се дека со сузбивање на нелегалните фирми би се обезбедиле многу повеќе пари во буџетот отколку со прогресивното оданочување.
Но, нејсе, да не излезе дека сме против прогресивното оданочување. Напротив, треба да им се даде на оние што немаат ништо. И, ете, Владата вети дека ќе даде пензии и за граѓани со еден ден работен стаж и на тој начин ќе влијае врз намалување на сиромаштијата кај населението. Се надевам дека ова навистина ќе излезе така. Ама ако веќе главната цел на Владата е намалување на сиромаштијата, зошто тогаш се укинува надоместокот за трето дете. Сите индикатори велат дека најсиромашни се семејствата со две или повеќе издржувани деца. А нашата влада, која, нели, се бори за намалување на сиромаштијата и на депопулацијата, сега ја укинува помошта за трето дете и воведува некоја еднократна помош.
А каде ќе одат парите што се одвојуваа досега за трето дете? Дали тие може да одат кај стечајците, кај пензионерите што не исполнуваат право на пензија, кај социјалните случаи…?
Ама во оваа наша чудесна земја, сѐ некакви чуда се случуваат. Владата, меѓу другото, најави и поголеми даноци на доходот од закуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа, со единствена стапка од 15 отсто. Со новата регулатива се воведува и оданочување на капиталните добивки од хартии од вредност и на каматите од орочени депозити со стапка од 15 отсто, и тоа од 2020 година. Овде ќе потсетиме дека македонските граѓани во банките чуваат дури 4 милијарди евра и дека штедните влогови, и покрај ниските камати, растат. Ова укажува дека штедните влогови во банките не зависат од каматите на банките, туку од други фактори…
Најголем проблем на кој укажуваа експертите е дека овие измени ќе предизвикаат даночна евазија, односно дека оние што имаат поголеми приходи или средства во банка ќе ги изнесат надвор од државата во земји каде што каматите се пониски. Токму тука треба да реагира државната администрација. Службите задолжени за наплата и спроведување на законите треба да реагираат навреме за да го спречат одливот на средства од Македонија.
Ама проблемот е што администрацијата и сите вработени во државните тела, без оглед за кое тело, институција или органи станува збор, се меѓу најголемите „тегоби“ на државата. Иако постојано се правеа разни проекти и мерки за подобрување на работата на државните и јавните службеници, тие и понатаму тешко ги исполнуваат барањата на граѓаните и на компаниите во земјава. Со години се бара усовршување на јавната администрација, подобрување на брзината на услугите за граѓаните и компаниите, поврзување на институциите и олеснување на процедурите при вадење разни документи.
Сѐ би било супер ако парите што се земаат од граѓаните и од компаниите се наменат како што се ветува, за социјалните случаи и за сузбивање на сиромаштијата, но и ако паралелно се подобрат кадарот и услугите што државата ги обезбедува за граѓаните и за компаниите.
Во Македонија се овозможи секое регулаторно тело или разни други институции да воведат свои такси што ги наплаќаат од компаниите за разни услуги, без притоа да бидат регистрирани на кој било начин. Со нив располага телото што ги вовело, а колкави средства се влеваат на нивните сметки никој не знае. Компаниите залудно алармираа дека овие неданочни и парафискални давачки стануваат сѐ поголем товар. Владата, наместо да ги растовари или барем да заведе некаков ред во наплатата, дополнително ги натовари.
Јасно дека сето тоа се многу проблеми за Владата. Но постојат и многу решенија. Само треба да се наредат по некаков ред, така што на сите соодветно ќе им се возврати за нивниот ангажман и придонес во општеството, а не на едни премногу да им се дозволува, а на други премногу да им се ускратува.