Нестабилноста во нуклеарна Русија „не е добра работа“. Ова го изјави високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел.
Прекинатиот бунт на платеничката група „Вагнер“ покажува дека војната на Москва во Украина ја троши руската моќ и дека нуклеарната нестабилност „не е добра работа“, рече шефот на европската дипломатија.
– Она што се случи викендов покажува дека војната против Украина ја дели руската моќ и влијае на нејзиниот политички систем. Секако не е добро да се види како нуклеарна сила како Русија влегува во фаза на нестабилност. Тоа е исто така нешто што треба да се земе предвид. Чудовиштето работи против својот творец, политичкиот систем покажува кревкост, а воената моќ пука – рече Борел на состанокот на министрите за надворешни работи на блокот.
Министрите за надворешни работи на ЕУ се обидуваат да ги анализираат последиците од немирите на нивниот редовен состанок во Луксембург. Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром рече дека немирите се „внатрешна работа“ на Русија. Тој инсистираше на тоа дека „најважното нешто“ е да се поддржи Украина за да може да ја врати својата територија.