Фото: Илустрација/Принтскрин

Прекинатиот бунт на платеничката група „Вагнер“ во Русија покажува дека Москва направила стратешка грешка со започнувањето војна против Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Настаните од викендот се внатрешно руско прашање и уште една демонстрација на големата стратешка грешка што ја направи претседателот Владимир Путин со нелегалната анексија на Крим и војната против Украина. Додека Русија ја продолжува својата офанзива, уште поважно е да ја продолжиме нашата поддршка за Украина – изјави тој за време на посетата на литванскиот главен град Вилнус.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјави дека бунтот на приватната воена формација „Вагнер“ против военото раководство на Русија покажува, како што наведе, „поделби во рускиот табор“ и укажува на кревкоста на руските вооружени сили.

Макрон за денешното издание на дневниот весник „Прованс“, по повод случувањата во Русија, истакна дека треба да се биде внимателен бидејќи ситуацијата се уште се развива.

– Но, тоа ги покажува поделбите што постојат во рускиот табор, кревкоста и на нејзината армија и на нејзините помошни сили, како што е групата „Вагнер“ – посочи Макрон.

Тој додаде дека настаните во Русија ги следел „од час во час“.

– Поради сето тоа треба да бидеме внимателни и целосно да се оправда поддршката што им ја даваме на Украинците во нивниот отпор, истакна Макрон за марсејскиот весник пред денешната посета на тој град на југот на Франција.