Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин денеска соопшти дека се укинува режимот на антитерористичката операција воведен во руската престолнина во врска со акциите на приватната воена компанија „Вагнер“ во саботата. Собјанин ја објави својата одлука на социјалната мрежа Телеграм.
Руските медиуми го цитираа локалното седиште на Федералната служба за безбедност во регионите Воронеж и Москва, кои соопштија дека режимот на антитерористичката операција во двата региони е укинат.
Покрај тоа, Националниот антитерористички комитет на Русија изјави дека ситуацијата во земјата е стабилна.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги посети руските трупи вклучени во воената операција во Украина, јавија денеска руските медиуми, и тоа е негово прво појавување во јавноста по бунтот викендов на паравоената група „Вагнер“.
Платениците предводени од шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, напредуваа кон Москва за да го отстранат, како што го нарекоа, корумпираното и неспособно руско воено раководство, пред ненадејно да се упатат назад во областа контролирана од Русија во источна Украина по договорот со Кремљ со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко.
Во саботата беше прогласена антитерористичка операција во три руски региони, откако началникот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави дека оди во Москва за да го собори највисокото воено раководство на Русија.