ШАХ – ТУРНИР ВО СТАВАНГЕР
Американскиот велемајстор (ВМ) Хикару Накамура (2.775 рејтинг-поени, рангиран петти во светот) првпат победи на традиционалниот меѓународен турнир во Ставангер (Норвешка), со 16,5 поени од можни 27.
Накамура (35), кој е ВМ од 2003 година, стигна до успехот откако во последното деветто коло со бели фигури го победи сонародникот Фабиано Карауана (2.773), кој по победата во првото коло над Норвежанецот Магнус Карлсен (2.853, рангиран прв во светот) беше водечки до последното коло, со 2,5 поени повеќе од Накамура.
Младиот 17-годишен Индиец Домарају Гукеш (2.736) го освои третото место. Бранителот на титулата и поранешен светки шампион Карлсен е шести, без победа во ниту една класична партија.
Турнирот има уникатен начин на бодување, оти секоја победа вреди три поени, а во случај на реми, се играше т.н. армагедон-партија со скратено време за размислување, каде што победникот освојува 1,5, а поразениот еден поен. ВМ Нодирбек Абдусаторов (2.731) од Узбекистан победи на турнирот со брзо темпо, кој беше одигран уште првиот ден на 11. издание на овој турнир во Ставангер.
Табела, класичен шах: Накамура 16,5 поени, Каруана 16, Гукеш 14,5, Гири 13, Со 12,5, Карлсен 11,5, Мамеѓаров 11, Фирузја 10,5, Абдусаторов 9, Тари 6. Г.И.