Не е крајно време, оти тоа одамна помина, туку е последен момент да се спаси што може да се спаси од ова што уште некој го нарекува држава. Сите оние што мислат дека не вреди ништо да се прави за својата земја во вакви околности, уште еднаш подобро да размислат и да се обединат со сите оние што со идеи, решенија, чесност и желба сакаат да ја зачуваат оваа Македонија. Имаме стручњаци, експерти во сите сфери, луѓето самите се нудат, но некој треба да го слушне нивниот глас. Доста е со партиските кадри и трпањето партиски апаратчици насекаде, кои, освен бенефициите за партијата, не ги интересира ништо друго. Потребни се итна стратегија и луѓе со визија, кои ќе тргнат да ја остваруваат таа стратегија, а лидерските средби во иднина нека бидат куртоазно среќавање на кое ќе се испие понекоја чаша шампањско за наздравување на секој нов успех на државата
Нема никаков сомнеж дека Македонија се наоѓа пред нови решавачки одлуки, кои како по обичај се на нејзина штета, а тоа може да се забележи од големата раздвиженост, како на меѓународните претставници така и на домашните политички фактори.
Изминатиот период сведочевме на канонада изјави и добронамерни совети од разни конгресмени, амбасадори, еврокомесари, државни секретари и кој ли уште не, сите со ист вокабулар, уставните измени мора да се завршат до крајот на ноември.
Очигледно ваквите директни пораки влијаеја и врз политичките лидери на двете најголеми партии во земјава, кои по сите навреди и дисквалификации што си ги изредија изминатите месеци конечно седнаа на заедничка маса да решаваат за иднината на државата.
Четири дена по фамозната лидерска средба, ако го сметаме и денот кога се одржа, македонската јавност и натаму не знае дали воопшто има некаков договор за нешто меѓу премиерот и лидерот на опозицијата или, пак, двајцата, онака затворени сами во салата на Клубот на пратениците се гледале остро очи во очи како пред двобој во вестерн-шпагетите на Серџо Леоне, чекајќи кој прв ќе трепне и ќе потегне. Очигледно размениле понекој „истрел“, за на крајот обајцата да излезат со ставот дека тие се победници во „двобојот“.
И додека лидерите дуваа во зачадените цевки, не ќе се веројатно жртвата повторно Македонија и нејзините граѓани. Тие и натаму остануваат да бидат без перспектива и само обична публика на еден „вестерн филм“ што го гледаат повеќе од 30 години. Сценариото е исто, само се менуваат ликовите.
А така е бидејќи од самостојноста до денес државата не изгради вистинска национална стратегија во кој правец ќе се движи. Да се каже само дека стратегиски цели ни се НАТО и ЕУ само по себе не значи ништо ако не се направат конкретни чекори како таа цел побрзо и полесно да се оствари. Можеби лично имам цел да се искачам на Монт Еверест, но ако не почнам да се подготвувам, ако не соберам финансиски средства, тим, ако не организирам патување до Непал, стратегија, логистика, знаење, попусто ми е желбата за искачување на покривот на светот.
Така и со македонските евроинтеграции. Целиот пат ни зависи само од волјата на некои лидери, кои одвреме-навреме ќе се појават на македонската политичка сцена, па кога ќе загусти, седнуваат на лидерски средби, демек ќе ја оправаат државата. А си ги оправаат само партиските позиции и имотните листи. Кој министерско, кој директорско, кој заменичко место, кој понекој тендер, бизнис, а за народот трошки, па дури веќе ниту трошки не фрлаат.
Нема луѓе со визија што ќе погледнат подалеку од партиските дворишта и кои надвор од удобните кабинети (опремени со кошеви и фудбалчиња) и затемнетите службени возила со кои се возикаат наоколу, не ги гледаат обичните луѓе, кои мака мачат да врзат крај со крај. Девастирано е сè што можеше да се уништи. Средношколците по матурата бегаат во странство, цели семејства се иселуваат од државата, наталитетот драстично опаѓа бидејќи никој нема желба да го зголемува семејството во ваква средина, корупцијата стана нормална појава, а случувањата во судството се на ниво на реалните шоу-програми во шунд-телевизиите во околните земји. За економијата уште помалку се води сметка, па повиците на бизнисмените за средување на состојбите во државата повеќе наликуваат на крик за спас на давеник отколку на порака што некој ќе ја слушне и ќе преземе некакви конкретни чекори за бизнис-секторот.
Но кога нема национална стратегија во која насока ќе се движи државата, тогаш лесно од неа ќе се бара сè и сешто бидејќи се покажавме како мошне еластични кога станува збор за „виткање кичма“. Се потсвиткавме со Преспанскиот договор, а сега како што тргнала работата, од сите страни притискаат пак малку да се поднаведнеме, да поминат и уставните измени и, како што би рекол лидерот на „зелените“, за две-три години да влеземе во ЕУ.
Па кога толку брзо ќе влеземе, тогаш да ги внесеме Бугарите во Уставот, впрочем нема никој против за такво нешто, ама барем да се најде во него место и за македонскиот народ, место што заслужено му припаѓа, како главен државотворен народ. Сите други можат да бидат сигурни дека ќе уживаат многу поголеми малцински права од она што го предвидуваат меѓународните конвенции, а тоа и досега го покажавме.
Македонскиот народ, македонскиот јазик, Илинден, АСНОМ мора да бидат темелот на таквиот устав за да се знае дека сме народ со свој корен, а не троскот што сите сакаат да го исплеват. Уште и новата бугарска влада да се одважи и да достави нова декларација до бугарското собрание во кое ќе наведе дека признава посебен македонски народ со свој македонски јазик, историја и култура различни од бугарскиот, тогаш работата е завршена, нема потреба некоја голема европска земја да ни дава дополнителни гаранции.
Какви и да се решенијата на работната група за уставни измени, кои веројатно деновиве ќе бидат испратени до Собрание, не смеат да бидат нов преседан како што беше случајот со Преспанската спогодба, бидејќи амандманските интервенции во преамбулата се невообичаени во меѓународноправната практика. Кога еднаш е направен ваков преседан (прв случај, како пример за другите слични случаи), тогаш се остава простор уставната преамбула да ја сменат повикувајќи се на „преседанот“ (независно дали преседанот бил легален или не).
Несомнено нашите лидери ќе најдат некое „инвентивно“ решение што веројатно ќе биде надвор од сите правни практики, но со оглед дека тука внатре сè поминува, и тоа ќе помине. Како изминативе години лежерно се погазуваат законите и Уставот, ништо чудно пратениците да ги завршат уставните измени и пред годишните одмори, да можат лежерно да ги трошат покачените плати на малку поегзотични места. Веќе им кажаа дека Какнкун не бил толку лош.
Да завршам, не е крајно време оти тоа одамна помина, туку е последен момент да се спаси што може да се спаси од ова што уште некој го нарекува држава. Сите оние што мислат дека не вреди ништо да се прави за својата земја во вакви околности, уште еднаш подобро да размислат и да се обединат со сите оние што со идеи, решенија, чесност и желба сакаат да ја зачуваат оваа Македонија. Имаме стручњаци, експерти во сите сфери, луѓето самите се нудат, но некој треба да го слушне нивниот глас.
Доста е со партиските кадри и трпањето партиски апаратчици насекаде, кои, освен бенефициите за партијата, не ги интересира ништо друго. Потребна е итна стратегија и луѓе со визија што ќе тргнат да ја остваруваат таа стратегија, а лидерските средби во иднина нека бидат куртоазно среќавање на кое ќе се испие понекоја чаша шампањско за наздравување на секој нов успех на државата. Тогаш можеби ќе го поканат и народот, без страв дека ќе бидат исвиркани.
Одлуките клучни за иднината на земјата мора да ги носи целото општество, заеднички, преку добро осмислен процес во кој сите ќе го дадат својот придонес, за на крајот да се избере вистинското и најдобро решение. На овој народ му е смачено од квазилидери, нему му се потребни луѓе што ќе водат напред, луѓе без скрупули, неподложни на корупција, луѓе чија единствена цел ќе биде успехот на нивната држава и на сопствениот народ.