Изгубениот патриотизам кај младите во Македонија

По дефиниција, патриотизам е поим што изразува позитивно чувство кон државата, љубов кон татковината. „Кога поединецот ќе почне да мисли повеќе на себе отколку на државата, кога во него ќе се разбуди прво грабливоста, па потоа потребата за уживање и раскош – тој зема од државната целина повеќе отколку што ѝ дава и како секој паразит ја нагризува однатре – тоа е веќе почетокот на нејзиното опаѓање“, извадок од Собраните дела на Слободан Јовановиќ

Марија Јованова

Секое време носи свои предизвици и решенија за справување со нив. Денес, сведоци сме на голем „одлив на мозоци“ од нашата држава и загрижувачка пасивност на младите кон учеството во политиката и младинскиот активизам. „Секаде е подобро отколку во Македонија“ е реченица што често ја слушаме од нашата младина.
Сите знаеме што е патриотизам во време на војна. Но што е патриотизам во денешно време? Што претставува патриотизмот за денешниот млад човек?
Што е тоа што ги отуѓува младите од сопствената држава?
Никој не може да ги обвини младите за поразителната ситуација во нашата држава. Корупцијата, непотизмот, капитулацијата на правото, запоставувањето на проблемите на младите, лошиот образовен систем, загадениот воздух, негрижата за животната средина – се проблеми што никако да заминат.
Концептот за образование, особено на факултетите, со години не е сменет. На некои од факултетите студентите немаат пракса. Знаеме во каква состојба се студентските домови. Сето тоа предизвикува големо разочарување кај македонската младина кон институциите и уште полошо: одбивност кон живот во татковината.

Колку треба да му биде тешко на еден млад човек во својата земја за да ги спакува куферите и да го напушти домот, одвоен од семејството и пријателите?

Што е со македонскиот идентитет?

Почнав длабоко да размислувам на оваа тема кога при разговор со неколку студенти, интелектуалци, случајно го спомнав знамето со сонцето од Вергина и добив одговор „тоа е знаме на политичка партија“.

Бев зачудена и разочарана од тоа што младите, иднината на една држава, го поврзуваат патриотизмот со политички партии.

Тоа се должи на многу работи, но секако и на лошиот образовен систем, на немањето доволно содржина што го опишува патриотското чувство и недоволното внимание на историјата и македонскиот идентитет уште од најраната училишна возраст.

Од друга страна, политичките елити имаат една цел: доаѓање на власт и задржување на власт. Наместо на чувства на патриотизам, љубов кон татковината и сочувство за своите сограѓани, тие се фокусираат на собирање партиски и политички поени и остварување на личните цели кога ќе дојдат на власт. Подобрувањето на претходно наведените проблеми е очигледно некаде при дното на нивните приоритети.

Не можеме да негираме дека посегнувањето по историјата, идентитетот, антифашистичкото минато и антимакедонските пропаганди задираат во емоциите на нацијата и предизвикува безброј партиски препукувања, кои водат кон индиферентно однесување на младите кон државата. Тоа може да нѐ однесе кон уште поголема национална идентитетска криза, која најмногу ќе ги погоди идните генерации.
Македонецот е веќе заробен во дневнополитички полемики, корумпирано судство и нефункционална државна и јавна администрација. Дополнително, големата желба за влез во Европската Унија нѐ зароби со договори од кои огромен дел од македонските граѓани беа незадоволни и за кои излегуваа на протести.

Според анализата на Институтот за демократија од 2014-2021 година, поврзана за јавното мислење за пристапувањето на Македонија кон ЕУ „идентитетските и вредносните фактори и понатаму се најдоминантни предиктори на евроскептицизмот“ – односно незадоволството поради уставните измени, заканите по националниот идентитет и губењето на суверенитетот се претставени како најважна причина за губењето на желбата (неподдржувањето) на македонското членство во ЕУ.

Апатијата на македонската младина кон патриотизмот и граѓанскиот активизам е проблем што треба да нѐ засега сите нас како граѓани. На младите треба да им се даде можност за активна вклученост во политиката, да им се покаже и докаже дека имаат пријател во органите на државата.

Во денешно време, патриотизмот се претставува како нешто лошо, како нешто од што треба да се срамиме. Патриотизмот не е лоша работа, патриотизмот не е пеење народни песни во кафеана, патриотизмот не е пишување коментари по социјалните мрежи. Напротив, патриотизмот е доблест, особина што секој млад човек треба да ја има.

Патриотизмот е емотивно поврзување со татковината, помагање и придонесување за просперитетот на државата, грижа за животната средина, придонесување за економски развој на државата.

Патриотизмот е подобрување на државата во која живееме од секој аспект и се мери само по количеството љубов и волјата за решавање на проблемите со кои се соочува. Патриотизам е купување домашни производи, читање книги од македонски автори, поддршка на домашни уметници, претставување на државата во најдобро светло.
Младите имаат огромна моќ за промени и треба да ги насочат нивните квалитети и потенцијал кон учење за проблемите со кои се соочуваат тие и нивните сограѓани. Само ако ги знаеме добро проблемите, полесно ќе можеме да го најдеме нивното решение.

Американскиот претседател Џон Кенеди рекол: „Не прашувајте што може државата да направи за вас, туку запрашајте се што можете да направите вие за вашата државата!“
Лесно е да се сака богата и просперитетна држава, но вистинскиот патриотизам особено испливува на површина кога животот е тежок и условите се далеку од идеални.

(Республика.еду.мк)