Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска го повика Ватикан да придонесе за спроведувањето на украинскиот мировен план на средбата со пратеникот на папата за руската војна во Украина.
Италијанскиот кардинал Матео Зупи, кој беше задолжен од папата Франциск да спроведе мировна мисија и да се обиде да помогне да се стави крај на војната во Украина, го посети Киев.
Зеленски рече дека разговарале за ситуацијата во Украина и хуманитарната соработка „во рамките на украинската мировна формула“.
– Само заеднички напори, дипломатска изолација и притисок врз Русија можат да влијаат на агресорот и да донесат праведен мир во украинската земја – напиша Зеленски на социјалните мрежи.
– Ја повикувам Светата столица да придонесе за спроведување на украинскиот мировен план. Украина ја поздравува подготвеноста на другите земји и партнери да најдат начин за мир, но бидејќи војната е на наша територија, алгоритмот за постигнување мир може да биде само украински – додаде тој.
Зеленски се состана со папата Франциск во Ватикан во мај, а подоцна речиси и да не реагираше на изгледите за каква било иницијатива на папата што ќе ја стави Украина во еднаква положба со Русија, која ја нападна во февруари 2022 година.