Пациенти денеска дојдоа пред Клиниката за кардиохирургија кадешто изразуваат поддршка на проф. д-р Сашко Јовев, разрешен од министерот за здравство Фатмир Меџити. Тие посочија дека срамота е да биде разрешан Јовев оти е професионалец и оти од него зависат животите на граѓаните.
-Дојдовме да дадеме поддршка на Јовев, кој се бореше да ни дадат нови животи. Револтирани сме од непрофесионалноста на министерот, каде сака да стави политички, а не стручни кадри. Од нив зависат нашите животи – рече Сашко Јанкуловски, пациент.
На протестот излегоа и вработени од Клиниката.
-Дојдовме од проста причина, бидејќи не сакаме да го изгубиме стручњакот кој перфектно си ја врши својата работа. Срамота е ова што се прави. Јас сум оперирана пред седум месеци, сега се чувствувам преубаво. Не смееме да дозволиме ова да се случи, да биде шиканиран професорот – рече Љупка Спасовска, пациентка.
Пациентите посочија дека благодарение на интервенциите од Јовев, тие сега се живи и здрави.
-Пред една година имав тешка операција на Кардиохирургија. Дојдов во последен момент како тежок случај. Благодарение на професорот и тимот, со силна и тешка операција, преживеав. Еве живеам и се надевам дека и натаму ќе живеам. Кога лежев на Интензивна нега, ќе се сеќавам на моментите кога секој ден по неколку пати професорот доаѓаше на интензивна нега, а нешто не беше во ред. Професорот прашуваше како сум, се бореше за пациентите, даваше насоки. Му давам голема поддршка не е во ред ова што се прави – Љупчо Ангеловски, пациент.
Дел од нив, сметаат дека ваквото постапување е бркање од дома на професорот.
-Потресена сум и ме погоди ова. Оперирана сум од срце. Ме прими од ходник. Не може некој да го избрка од дома, он е овде дома. Нема правда овдека, срамота е ова. По толку трансплатации, дежурства… Кога и да отворам очи луѓето работеа овдека. Срамота е ова, срамота е човек да го избркате од дома – рече Тина Алексовска, пациентка.
Јовев вчера беше разрешен од директорската позиција.