Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пациенти, но и вработени на Клиниката за кардиохирургија застанаа во одбрана на директорот проф. д-р Сашко Јовев, кој вчера беше разрешен од министерот Фатмир Меџити.
Пациентите истакнаа дека тој бил многу добар пред се човек но и доктор, кој цело време им бил достапен на пациентите.
Пред присутните дојде и д-р Јовев, кој истакна дека правдата во оваа земја мора да биде задоволена.

– Минатата недела имав притисоци дека сум направил некаква грешка во протоколот во настан во кој ја пуштивме хибридната сала. Уредно беа поканети и министерот за здравство и премиерот, но за министерот, поканата била касно доставена, а тука јас не можев да се мешам. На крајот, јас се најдов во средина и кардиохирургија остана жртва. Со ова даваме лоша лекција на сите млади после нас – истакна Јовев.

Пациенти револтирани по разрешувањето на д-р Јовев: Срамота е ова што се прави

Тој нагласи дека во нашава земја само успехот не се простува.

– Под мое водство заедно со мојот тим, за осум години направивме ултрамодерна клиника која ги работи сите можни процедури во земјава. За награда, добивме смена на менаџерскиот тим, односно, мое разрешување. Стоиме на ставот дека тимот што победува не се менува. Сакам да нагласам дека не се разрешуваат најискусните луѓе заради ситни пропусти – рече тој. Д.Т.З.

Фото: Маја Јаневска-Илиева