Традицијата за празникот Духовден да се купува вранештичко дуле и да се дава за душа се намали последните десетина години, откако во земјава има голем наплив на далеку поевтина керамика. Сепак грнчарите од Вранештица, и покрај нелојалната конкуренција на увезените керамички производи, успеваат барем делумно да се справат со овој проблем и понатаму продолжуваат да егзиститаат од грнчарството.
-Времето кога за верскиот празник Духовден сме продавале големи количества на вранештичко дуле се промени. Побарувачката од верниците во земјава е далеку помала споредено со периодот од пред три децении кога буквално се што ќе произведевме за овој празник и го продававме. Покрај промената на навиките на нашите граѓани, сепак, за намалената побарувачка на вранештичката керамика значително придонесува и увозот на керамика, која е далеку поевтина, што од друга страна се рефлектира врз нашата намалена побарувачка. Токму од тие причини бројот на жители од село Вранештица кои се бават со грнчарство од година во година е се помал и денес едвај неколкумина остануваме верни на овој занает – вели Митре Божиноски, еден од најпознатите вранештички грнчари.
Грнчарите се лути и поради инертноста на државата која, како што велат, досега ништо не направила за да им помогне за да можат да преживеат и понатаму да го негуваат овој стар занает.
-За жал државата како да нема слух дека грнчарството е еден од најстарите занаети во светот, стар повеќе од 5.000 години, кој се уште егзистира во нашето село, и со стимулативни мерки да ни помогне да продолжиме да се бавиме со грнчарство. Барем да ни обезбеди дрва кои ќе ни послужат за печење на готовите производи или пак да ни обезбеди бои со кои ги фарбаме керамичките производи. Токму недоволниот интерес на државата ќе биде една од клучните причини бројот на грнчарите од година во година на опаѓа и за најмногу две децении целосно да згасне – вели грнчарот Горан, жител на селото, популарно наречено македонска Злакуса. З.А.