Првиот меч од годинашното финале, помеѓу Денвер и Мајами, е утре рано наутро (2.30 часот), а се игра до четири победи

КОШАРКА – ФИНАЛЕ НА ПЛЕЈОФОТ

Прв носител наспроти победник на квалификацискиот турнир се во трката за трофејот „Лери О’Брајан“ за шампион на кошаркарската НБА-лига и каков контраст, барем според пласманот, е овој натпревар на Денвер нагетс со Мајами хит, но ништо од тоа веќе не е важно, не толку доцна во постсезоната, а во финалето на НБА се работи за шутирање, одбрана и за храброста потребна за да се стане шампион, пишува НБА на својата интернет-страница.
Годинашното финале на 77-та сезона на најсилната кошаркарска лига во светот почнува утре рано наутро (2.30 часот) во Денвер и се игра до четири победи.
Врз основа на она што го видовме од овие два тима, и двата припаѓаат на јунската сцена, затоа што Денвер и Мајами само што поминаа низ огнот, откако Денвер мораше да се носи со Кевин Дурент и со Девин Букер во полуфиналето на Западната конференција, потоа со Леброн Џејмс и со Ентони Дејвис за круната на Западот, а Мајами, откако го помина плејин-турнирот (каде што губеше од Чикаго доцна во четвртиот квартал), ги победи Милвоки и Бостон, изненадувајќи ја лигата секој пат, пишува НБА. Н.М.


Пет Рајли 19-пат е во финалето

Претседателот на Мајами хит, Пет Рајли (78), како кошаркар, помошник-тренер, тренер и извршен директор, 19 пати стигнал до финалето на НБА-лигата, пишува НБА на својата интернет-страница. Тоа значи дека од 1972 година, кога првпат се пласира во финалето (како резервен играч на Лос Анџелес лејкерс) досега Рајли се појавува во финале приближно еднаш на секои две и пол години во просек. Рајли освои пет титули како главен тренер, четири со Лос Анџелес лејкерс во 1980-тите години и една со Мајами, во 2006 година, а е вкупно деветкратен шампион во НБА, и тоа како кошаркар (1972 година), помошник-тренер (1980-та), главен тренер (1982, 1985, 1987, 1988 и 2006 година) и претседател (2012 и 2013 година). Н.М.