Луѓето на новото историско поглавје

Па, господа бирократи, почнете меѓусебно да комуницирате за да ја санирате штетата што секојдневно натежнува на и онака големата тежина што ја носи овој народ, барем малку олеснете ја и сфатете дека овој народ не го бараше, но и не го заслужува тоа што вие му го наметнувате!

Скопјани веќе неколку години мака мачат со вадење лични документи. Ако не е проблемот кај службеникот што го промашил датумот на раѓање, тогаш се случува друг куршлус. Сега Управата за водење матични книги не е повеќе лидер на хаосот во документациските лавиринти. Приматот го зедоа скандалите поврзани со вадење лични документи мотивирани од Преспанскиот договор, поради кој сите ние, сакале или не, мораме да ја додадеме придавката „северна“. И, ете, по толку многу негодувања, народот реши да менува документи, а таму нов шок. Повторно рампа на процес што наместо да тече како река, изгледа како карпа што се „качува угоре“ (невозможна мисија).
Во најнезавидна ситуација, веројатно, се жителите на која било од 185-те спорни улици во Скопје, кои немаат можност брзо и лесно да си ја завршат обврската за вадење лични документи. Тие знаат каде живеат, но во службените документи никој не знае која улица да ја впише во новите лични документи.
Па бидејќи службениците не се „гатачи“ и не можат да знаат која улица кое име го носи, со оглед на тоа што градските власти неколкукратно досега си правеа пиши-бриши со имињата на улиците, целиот процес на докажување на името на улицата, повторно, впрочем како и секогаш, оди преку грбот на граѓаните.
Малку утепан народот од немаштијата, од кризата и тешката економска состојба во која е втурнат, сега е исправен пред нов институционален предизвик. Да земе потврда или уверение (како и да милувате да го кажете) дека улицата на којашто живее е таа улица на којашто живее, само улицата сега е со поинакво име.
И така, со поглед задлабочен во секојдневната битка за преживување, згрбавени од што им е смачено од овие лавиринти на недоразбирање, граѓаните итаат кон бараките на градот, каде што ги чека нова долга и тешка битка – да го земат доказот за името на улицата на којашто живеат. Тука само добиваат мало пусулче дека поднеле барање со број на отворен предмет (чиниш којзнае колкав процес водат), со наведени телефонски броеви за да се јават и да прашаат дали уверението им е готово.
Тука почнува новата епска битка. Да добиеш некој во јавна администрација на телефон е мисловна именка. Практично невозможно. Граѓаните ѕвонат, но никој не крева. Еве, мојот сосед сѐ уште не доби никој на телефонот, па мораше повторно да оди во бараките на Градот за да си го подигне уверението, секако, доколку е готово.
И сето тоа овој мој напатен народ го трпи, небаре нема попаметна работа од таа да трча по бирократските шалтери на институциите.
И сето тоа зошто? Поради недостиг од комуникација помеѓу институциите. Ете, проблемот го решив со една малку проширена реченица.

Комуникација. Таа е клучна за решавањето на сите проблеми. За потсетување, и самите државници велат дека комуникацијата е клучна за иднината на земјата, ама во практика нивните институции не ја применуваат.
Народот трпи затоа што градот не испратил списоци до МВР со новите имиња на улиците, со новите граници, а МВР пак и не побарало такво нешто.
Значи, два-три листа со наведени имиња на стари улици и со новите имиња. Ете, толку голем и сериозен е проблемот поради кој се случува хаос.
Сега се случува хаос во институциите, хаос е во градот за вадење уверение, хаос е за вадење лични документи и пасоши во институциите на МВР. Многумина веќе се жалат дека термини не ни има, а уште не почнало цунамито од граѓани што допрва треба да менуваат документи.
Некој ќе си рече, ајде еднаш се менуваат документи, па потоа за десетина години пак.
Но до кога на овој начин?
До кога преку грбот на граѓаните и преку нивниот џеб?
На народот веќе му е прекуглава од сѐ. Прекуглава му е од промената на името за кое на референдум се изјасни дека не го сака, поточно дека на тоа прашање не треба ни да се одговара, прекуглава му е од тоа што ќе мора да трча по институции поради таа присилна промена и мака му е веќе од целосната апатија на институциите кон него. Народот во земјава е уморен, а тој замор се пресликува во политичката апатија, отапеност на чувствата кон своите сограѓани, кон својот народ, кон белезите што го одделуваат како суверен, посебен и самостоен народ и држава, затоа што перманентната пресија и уцени однадвор веќе се рефлектираа на нас сите.

А, ете, во врска со тоа: некој ќе потклекне, а некој – нема. Историјата се повторува, уште од турско… некој ќе се потурчи, а некој – нема. Но, како и да е, и отапеноста и незаинтересираноста ќе поминат, сега или подоцна. Македонското ткиво ќе се сврзе, ќе се стегне. Она што вештачки се наметнува, ќе помине. Силата на вистината повторно ќе се врати. Но нема големи промени без големи напори. Нема големи промени без нови правила, креативност и решителност. Големите промени не се случуваат сами по себе, еволутивно. Тие се случуваат со дисконтинуитет, со кршење на оковите што ни беа дадени однадвор, а самите, во името на некаква ветена подобра иднина, си се оковавме.
Но нашата генерација е генерација што носи огромна одговорност. Токму оваа мисија, доколку чесно, одговорно и посветено ѝ пристапиме, не може да ни донесе лично никаква материјална благосостојба, бидејќи времето во кое работи нашата генерација е време на опстанок, на штедење и откажување. Само оние што се подготвени да се откажат од својата лична благосостојба можат да кажат – ние ѝ припаѓаме на таа генерација во Македонија што ја спаси Македонија, ние сме луѓето на новото историско поглавје.

[email protected]