Фото: Горан Анастасовски

Токму 1 јуни, како Светски ден на детето, има цел да ѝ го сврти вниманието на целокупната јавност во однос на предизвиците и проблемите со кои денес се соочуваат децата во светот и особено во Македонија. А тие воопшто не се ниту мали ниту за потценување. Ако претходно мислевме дека состојбите во правосудството се можеби најтемната дамка во македонското општество, каде што се детектира и најголемо незадоволство од граѓаните поради многубројните неправилности и прекршувања, сега разочарувачки „приматот“ го презедоа токму повредите на правата на децата. Во последниот извештај на народниот правобранител за минатата година, најголемиот број констатирани повреди се токму од областа за заштита на правата на децата – 103 случаи или 15,08 отсто. За една мала држава како Македонија ова, секако, е алармантна бројка и крајно загрижувачка состојба. Што треба да се направи за децата конечно да ги добијат заслужениот третман и место во општеството

МЕЃУНАРОДЕН ДЕН НА ДЕЦАТА: Човештвото им должи на децата сè најдобро што може да им се даде – од Декларацијата за правата на децата

„Еднаш сите ние бевме деца и треба да ја делиме истата желба за унапредување на правата и благосостојбата на сите деца“. Ова е универзалната порака и аспирација на човештвото на која вреди да се потсетиме по повод денешниот меѓународен на децата. Токму 1 јуни, како Светски ден на детето, има цел да ѝ го сврти вниманието на целокупната јавност во однос на предизвиците и проблемите со кои денес се соочуваат децата во светот и особено во Македонија. А тие воопшто не се ниту мали ниту за потценување. Децата, како високоранлива општествена група, за жал, постојано и секојдневно се изложени на разни форми на злоупотреба, насилство експлоатација, виктимизација од страна на возрасните, запоставување и негрижа, кршење на нивните основни права… Токму ова се констатира и во извештаите на релевантни институции и органи што се грижат и за правата на децата.
Ако претходно мислевме дека состојбите во правосудството се можеби најтемната дамка во македонското општество, каде што се детектира и најголемо незадоволство од граѓаните поради многубројните неправилности и прекршувања, сега „приматот“ го презедоа токму повредите на правата на децата. Звучи шокантно и фрапирачки, но, за жал, реалноста е таа.
Во последниот извештај на Народниот правобранител за минатата година, најголемиот број констатирани повреди се токму од областа за заштита на правата на децата – 103 случаи или 15,08 отсто. Дури потоа следуваат претставките од областа на правосудството, по кои се констатирани 89 повреди или 13,03 отсто. Инаку, вкупно предмети во однос на права на детето имало 252 или 7,85 отсто од вкупниот број заведени предмети во 2022 година.
Во извештајот на народниот правобранител се нотираат и случаи на сегрегација во училиштата што претставува сериозен проблем, особено кај ромските деца, при што се укажува на потребата од инклузија на децата наместо нивно социјално дистанцирање. Понатаму се посочува дека многу често децата остануваат „растргнати“ помеѓу барањата на родителите, кои, пак, своите недоразбирања и конфликтни односи ги пренесуваат во постапките за доверување на детето, често користејќи ги децата како „инструмент за одмазда“.

– Не постапувајќи во најдобар интерес на детето, самиот родител влијае за отуѓување на детето од другиот родител, а центрите за социјална работа не успеваат да го спречат или да го надминат тоа – се вели во извештајот на народниот правобранител.
Децата и лицата со попреченост, како маргинализирана група граѓани, и натаму со тешкотии ги остваруваат гарантираните права во Македонија. Иако државата ги има ратификувано Конвенцијата на ООН за правата на детето и Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, во пракса, многубројни се предизвиците во пристапот до правата и остварувањето на истите тие, велат упатените во оваа проблематика. Друг проблем на кој постојано се укажува е и нерегистрирањето на децата во матичната евиденција. Наспроти заложбите ниту едно дете да не е без име, без идентитет и без државјанство, до април 2022 година, вкупно 723 лица се нотирани и евидентирани во Управата за водење на матичните книги како неевидентирани во матичната книга на родените.
Почитувањето на правото на најдобриот интерес на детето е еден од основните принципи на Конвенцијата за правата на детето (КПД), но во Македонија речиси секоја година се нотира токму непочитувањето на овој принцип најмногу во областа на семејното право. Во таа насока, констатацијата е дека сè уште тешко се обезбедува заштита на правата на детето во случаи што во надлежните центри за социјална работа се водат како висококонфликтни односи помеѓу родителите, не се почитуваат одлуките донесени од центрите итн. Евидентирани се голем број прекршувања и во однос на правата од областа на образованието на децата, при што се наведуваат отсуствата од настава поради честите лажни дојави за бомби во училиштата во минатото, штрајкови на образовните работници, необезбедени учебници за сите ученици, проблеми при упис во основно училиште, учење од далечина, неиздавање свидетелство и други јавни исправи, како и недоволен број образовни и лични асистенти, особено за учениците со попреченост во средното образование.
– Една од горливите теми во однос на децата е и психичко и физичко малтретирање во училиште, од страна на соученици, односно меѓуврсничко насилство, како и насилство од страна на службено лице или наставен кадар во училиште – велат од канцеларијата на народниот правобранител.
По повод Меѓународниот ден на децата, од Службата за советување при ПУ „СОС детско село“ – Скопје велат дека најдоброто место за раст и развој на едно дете е неговото биолошко семејство.

– Родителите треба да обезбедат грижлива, безбедна, доверлива и топла средина, каде што децата ќе бидат сакани, поддржани и насочувани максимално да ги постигнат своите потенцијали. Родителството е најтешката, најодговорна, но истовремено и најблагородна животна функција. Родителството се учи, се унапредува и се надградува. Во советувалиштата, нашите советници ги учат родителите за можностите, потребите, промените, спецификите и ограничувањата на детето низ развојните фази во процесот на растење и развивање; ги подучуваат да развијат знаења и вештини за родителство во современото живеење; ги подучуваат за развој на позитивни родителски знаења и вештини за решавање проблематични ситуации, конфликтни состојби и предизвици во растот – вели Јулијана Шумкоска, раководителка на Службата за советување при ПУ „СОС детско село“ – Скопје.
Во однос на активностите за промоција на детските права и превенција од насилство, таа вели дека со сите училишни деца и нивните родители преку нивните советувалишта спроведуваат групни информативни сесии за детски права, осигурување безбедност на деца и за превенција од насилство.
– Целта ни е децата и родителите да ги знаат детските права, да знаат како да спречат насилство, но и ако се најдат во насилна ситуација, да знаат како полесно да ја препознаат и каде да се обратат за помош и поддршка. Децата и младите се нашата иднина. Посветеноста и заложбата во грижата, воспитувањето и едукацијата на децата е најважниот позитивен предизвик за родителите и општеството во целина – нагласува Шумкоска.
Од канцеларијата на УНИЦЕФ во Македонија велат дека децата сочинуваат дваесет отсто од населението од 1,84 милион што живее во земјата, односно околу 180.000 девојчиња и 192.000 момчиња помлади од 18 години.
– Од суштинска важност за идниот развој на земјата, а наедно и право на секое дете, е да се развива, да учи, да биде заштитено и да учествува. Аспирациите на земјата за подобрување на економската конкурентност и забрзување на интеграцијата во Европската Унија се клучни за да се постигне посигурна, поотпорна, поодржлива и попросперитетна иднина за граѓаните. Постигнувањето на овие цели во голема мера зависи од создавањето здрава работна сила со високи квалификации и од развојот на човечкиот капитал. Тоа изискува постојано инвестирање во унапредување на детските права – ни изјавија од канцеларијата на УНИЦЕФ.
Според неа, се подобриле законските и програмските рамки за олеснување на пристапот на децата до нивните права, помалку деца умираат на возраст под пет години, повеќе нема деца без родителска грижа што се сместени во големи институции, што е резултат на децениските заложби и напори на Владата за деинституционализација.

– Сепак, напредокот кон реализацијата на правата на децата за секое дете бара континуирани напори. Секое трето дете е под ризик од сиромаштија, а 12 отсто од децата на возраст од пет до 17 години се соочени со повеќедимензионална сиромаштија. Има деца што пропуштаат да примат вакцини што спасуваат живот. Секое второ дете на возраст од три до шест години не посетува предучилишно образование. Повеќе од половина од сите петнаесетгодишници не ги задоволуваат основните нивоа на читање со разбирање и познавања на математика. Децата со попреченост се соочени со бариери при пристапување до образовните институции, додека децата Роми се соочени со бариери во напредување во образованието. Седум од десет деца на возраст од 1 до 14 години се изложени на насилни дисциплински методи, додека, пак, родителите имаат низок пристап до програми и материјали за родителство. Податоците за менталното здравје покажуваат загрижувачки трендови. Секој трет адолесцент опфатен во скорашно истражување на УНИЦЕФ изјавува дека има симптоми на депресија. Децата се поранливи, физички и психички, на аерозагадувањето отколку возрасните. Скопје и други градови во земјата честопати се истакнуваат како најзагадените градови во светот – нагласуваат оттаму.
Според упатените, како клучни активности што треба да се преземат до следниот период се спроведувањето во целост на законодавството што се однесува на правата на децата и да се зајакне спроведувањето на Стратегијата за еднаквост и недискриминација за периодот 2022-2026 година. Треба да се обезбеди и учество на децата и граѓанското општество во нејзиното осмислување и во следењето на нејзината делотворност; како и да се преземе сеопфатна законска реформа за да се гарантира правото на децата да бидат сослушани во однос на сите прашања што ги засегаат.