Оваа година училиштето прослави четири децении од своето постоење. Одбележувањето на 40-годишниот јубилеј насловен „40 дена, 40 настани за 40-годишниот јубилеј“ училиштето го организираше со активно учество на сите вработени, учениците и на Советот на родители

MOETO УЧИЛИШТЕ: OOУ „Д-Р ВЛАДИМИР ПОЛЕЖИНОСКИ“ ВО КИЧЕВО

Крајот на уште една учебна година е на прагот. Учениците, а сигурно и наставниците со душа го чекаат летниот распуст за да се одморат од предавања, испрашувања, тестови, домашни и контролни задачи. Но крајот на учебната година е и време кога се пребројуваат резултатите од сработеното. Кога станува збор за училиштето „Д-р Владимир Полежиноски“ од Кичево треба да се каже дека сите страници на „Колибри“, па дури и сите страници на „Нова Македонија“ се малку за да ги опишат активностите и успесите што учениците и наставниците ги реализираа и постигнаа. И тоа е така, не само оваа година туку и неколку претходно.

ПОЛЕЖИНОСКИ, ПОЗНАТО КАКО БАТО?!

И Кичево, како и Скопје, има населба именувана Карпош, а таму во 1981 година е основано училиштето „Видое Смилевски-Бато“. Сѐ до 1994 година, ова училиште го носело споменатото име на овој народен херој, кога училиштето е преименувано во чест на д-р Владимир Полежиноски, име што гордо го носи до ден-денес. Владимир Полежиноски е роден во Кичево, во 1913 година. Тој е македонски комунист, учесник во Народноослободителната борба и член на АСНОМ. Денес, освен училиштето, неговото име го носи и улицата во Кичево каде што се наоѓа неговата родна куќа. Интересно е да се каже дека иако поминале толку години, сепак постарите граѓани на Кичево, ова училиште сѐ уште го именуваат под старото име „Бато“.

РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАПИШАНИ УЧЕНИЦИ

ООУ „Д-р Владимир Полежиноски“ – Кичево има статус на самостојно основно училиште. Тоа е од развиен тип и во него се школуваат ученици започнувајќи од прво до деветто одделение во основно образование. Директорот Горан Карафилоски, со своето професионално искуство и доброто менаџирање со човечките и материјалните ресурси со кои располага училиштето, го поставува училиштето како лидер во регионот и пошироко, бидејќи во последните години, а особено оваа учебна година сѐ повеќе се зголемува бројот на запишани ученици. Зголемениот интерес за училиштето е повратен ефект од вложениот труд на сите 63 вработени во ова училиште. Наставниот кадар во училиштето го сочинуваат вкупно 44 наставници, од кои 15 се во одделенска настава, двајца во дневен престој и 27 се во предметна настава. Во моментот, училиштето го посетуваат 471 ученик, со тенденција овој број да расте од година на година.
Работата во училиштето се одвива во еден објект со вкупна работна површина од 3.275 квадратни метри и спортска сала со површина од 630 квадратни метри. Има два спортски терена, летни училници и амфитеатар за одржување настава во природа.
Доколку го посетите училиштето, ќе бидете воодушевени од хортикултурното уредување на училишниот двор, за кој со голема љубов и посветеност се грижи градинарот, но и сите вработени и ученици во училиштето.

ПАМЕТНИ ТАБЛИ ВО СЕКОЈА УЧИЛНИЦА

Следејќи ги трендовите за современа и модерна настава, во сите училници од училиштето се поставени паметни интерактивни табли за следење на наставата од учениците на еден современ начин и лаптопи за успешно реализирање на наставата.
Училиштето успешно се справи со предизвикот учење на далечина поради пандемијата на ковид-19. Кабинетска настава се изведува по современи наставни методи и форми за активна и интерактивна настава и креативно учење. Кабинетите по информатика, математика, физика, хемија и биологија, историја, географија, македонски и странски јазици се опремени со современи наставни средства и помагала, за успешно изведување на наставата и за стекнување применливи знаења. Нагледните средства постојано се дополнуваат со набавка на нови, со цел осовременување на наставата.
Во рамките на училиштето, покрај редовната настава, функционира дневниот престој, кој работи според утврдена програма. Во него со многу стручност и компетентност, како и со многу љубов и трпение се прифаќаат ученици од прво до четврто одделение. За дневниот престој, кој е комплетно реновиран, обезбедени се соодветни просторни и материјални услови. Се реализираат и слободни активности: читање енциклопедии, гледање и анализа на едукативни филмови, играње колективни едукативни игри. Во соработка со наставникот по физичко образование, учениците од дневниот престој често ја посетуваат фискултурната сала каде што изведуваат физички вежби за релаксација и рекреација. Има сала за приредби и прослави, која исто така се користи како трпезарија и бифе со најсовремена аудио и визуелна опрема, каде што учениците ги поминуваат одморите во заедничка дружба.

СЕКОЕ ОДДЕЛЕНИЕ ИМА СВОЈА ЛЕА ВО УЧИЛИШНАТА ГРАДИНА

Еден од поголемите инфраструктурни проекти минатата година беше промена на прозорците во училиштето, како и санација и реконструкција на санитарните простории во училиштето со средства добиени од грант на Владата на Р Јапонија. Училиштето ја имаше честа да го запознае јапонскиот амбасадор, неговата екселенција г. Савада Хиронори.

Има библиотека и просторија за мултимедијални презентации, која ја користат учениците и во која се одржуваат презентации и обуки. Токму тука неодамна се промовираше третиот број на списанието „Полжавче“, во рамките на проектот „Слоу фуд училишни градини“ – од страна на организацијата „Слоу фуд Македонија“, која промовира добра, чиста и правична храна и ја поддржува локалната занаетчиска гастрономија. Училиштето е вклучено во овој проект и на голема површина има прекрасна училишна градина. Секое одделение има своја парцела и своја овошна или зеленчукова култура за која се грижи од семе до плод. Фотографиите, а најмногу посетата на градината ќе ви покажат за прекрасната градина создадена од вредните раце на наставниците и учениците.

Е-ТВИНИНГ УЧИЛИШТЕ ЗА 2023 ГОДИНА

Во ова училиште се реализираат и проектите за меѓуетничка интеграција во образованието, интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем, проектот „Македонија земја на сонцето, овошјето, зеленчукот и лековитите билки“, кој се реализира во две фази, проектот „Почитувам и советувам“, потоа „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците“, „Со читање се расте“, „Учам да бидам лидер“…
Покрај интерните, училиштето е вклучено во голем број меѓународни проекти. Од оваа година како резултат на работата на наставниците во е-твининг проектите и како резултат на наградените проекти со национална и европска е-твининг награда, училиштето „Д-р Владимир Полежиноски“ доби ознака е-твининг училиште за 20203 година.
Училиштето е доста активно во програмата „Еразмус“ и во моментот има седум активни проекти. Над 50 ученици и 15 наставници имаа можност да учествуваат на мобилности во повеќе држави вклучени во програмата „Еразмус“, како Италија, Словенија, Полска, Литванија, Словачка, Турција, Србија и да работат на разни теми како – Емпатија и толеранција, Инклузивност, Здрав живот, Екологија, Дигитализација.
Проектите „Вело училиште“ и „Со читање се расте“ се проекти што се спроведуваат веќе неколку години по ред.
Со проектот „Со читање е расте“ се поттикнува читањето кај учениците и како резултат секоја паралелка претставува некоја македонска книга и писател преку рецитација, глума, музика, презентација или изложба пред наставниците, родителите или соучениците.
Со проектот „Вело училиште“ учениците се запознаваат со сообраќајните правила, со велосипедот и бенефициите од неговото користење, како врз здравјето така и врз околината. Благодарение на овој проект, бројот на ученици што го користат велосипедот како превозно средство драстично се зголеми.
Нашето списание „Ѕуница“, кое го подготвува новинарската секција, изобилува со едукативни и забавни содржини.
Во ООУ „Д-р Владимир Полежиноски“ – Кичево, родителите се добредојдени и истите тие даваат придонес во имплементација и подобрување на наставата воопшто. Вклученоста на родителите e во Училишниот одбор, Советот на родители и преку соработка со: директорот на училиштето, наставниот кадар и стручната служба

ГРСТ ЗАСЛУЖЕНИ НАГРАДИ ЗА НАЈДОБРИТЕ

Училиштето како носител на воспитно-образовниот процес, преку современи форми и методи, проткаени низ целокупната настава тежнее да формира ученици личности со систем на позитивни вредности и квалитетни знаења, кои ќе развијат критично мислење и ќе стекнат вештини што ќе им користат во понатамошниот живот.Училиштето пред себе има задача да обезбеди работна клима во која ќе има позитивни емоционални односи и комуникација, внатрешна мотивираност, меѓусебна доверба, почитување и разбирање на потребите на единката, како и мултиетничка толеранција. Во училиштето функционираат ученички парламент и ученички правобранител, кој како облик на организирање на учениците ги претставува и заштитува правата и интересите на учениците.
Училиштето е во чекор со современите трендови во рамките на училиштата на 21 век, со посебен акцент на критичкото размислување, кое им овозможува на учениците слободно изразување, а наставниците се насочени да ги научат учениците како да го научат и применат она што им е потребно по наставните предмети.
Учениците постојано се мотивирaни да учествуваат на конкурси и натпревари на кои се постигнати значајни резултати.
Редовно се реализираат училишни натпревари по предметите. Се учествува на општински, регионални и државни, како и на меѓународни натпревари.

Од постигнувањата на учениците издвојуваме:
lДржавни натпревари:
– две втори награди и една трета награда по предметот Природни науки;
– две втори награди и три трети награди по предметот Биологија;
– трето место на Применета Биологија – Народна техника;
lМеѓународни натпревари:
– учество на меѓународен натпревар по математика „Кенгур“ и освоено едно трето место.
– „Недела на кодирањето.“
Учениците учествуваат на голем број ликовни и литературни конкурси со свои ликовни и литературни творби и постигнуваат значајни успеси. Училиштето има статус на екоучилиште – бронзено ниво. Активно е вклучено во еколошки и хуманитарни акции.

НЕДОБРОЈНИ АКТИВНОСТИ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ

Оваа година училиштето прослави 40 години од своето постоење. Одбележувањето на 40-годишниот јубилеј насловен „40 дена, 40 настани за 40-годишниот јубилеј“ училиштето го организираше со активно учество на сите вработени, учениците и Советот на родители. Во рамките на одбележување на јубилејот се организираше: крводарителска акција во која крводарители беа 40 родители на ученици и вработени, се донираа алишта и обувки со цел да им се помогне на 40 семејства, се организираше велосипедско дефиле со родители и вработени на 40 км, се организира модна ревија од рециклирани материјали, донаторска забава со бенд составен од родители на ученици од училиштето, се организираше посета на музејот во Кичево, се анкетираа сограѓани за ликот и делото на Д-р Владимир Полежиноски, се организираа спортски натпревари, музички и ликовни настани, учениците изработија колаж што го содржи бројот 40 во себе со слики изработени од учениците, се читаа реферати за ликот и делото на патронот, драмски претстави, се реализираа многу активности од областа на природните науки, преку тајна порака напишана со невидливо мастило откриен е ликот на д-р Владимир Полежиноски, составено е името на училиштето со помош на симболи од периодниот систем, учениците собраа 40 вида билки и ги организираа во хербариум, ги покажаа своите знаења од областа на информатиката и на тој начин се вклучија во овој јубилеен настан. Поставена е спомен-плоча на родната куќа на нивниот патрон – д-р Владимир Полежиноски.
По 40 години од постоењето, училиштето доби биста на својот патрон, изработена од поранешен ученик и сограѓанин, проф. д-р Слободан Милошески, која денес го краси влезот на училиштето.
Главниот настан се одржа на 14 октомври во националната установа центар за култура „Кочо Рацин“ – Кичево, каде што беа присутни потомците на патронот, сегашни и поранешни вработени во училиштето, ученици, соработници и сограѓани, кои проследија рецитал и драмска изведба за ликот и делото на Д-р Владимир Полежиноски.
Недобројни се активностите и постигнатите резултати на ова училиште, кое неодамна го посетивме и само можеме да посакаме што повеќе вакви училишта во нашата Македонија. Се надеваме дека сите што ќе го прочитаат ова ќе бидат мотивирани и инспирирани да преземат акција и да придонесат за развој на нивните училишта, а дотогаш како дневен мотиватор може да ви послужи официјалната страница на Фејсбук на „Д-р Владимир Полежиноски“ – Кичево.


МИСИЈА НА УЧИЛИШТЕТО

Постоиме како училиште да им помогнеме на учениците успешно да се справат со образовните предизвици што ги носи животот, создавајќи здрави личности во еколошка здрава животна средина, во општество што почитува различни етникуми.

ВИЗИЈА

Секогаш во чекор со времето, за да ја направиме иднината подобра преку денешницата во еколошки здраво општество.