Уште од основно одделение, па до денес, кога и самата им го пренесува своето знаење на студентите, Славица Танеска е присутна на страниците на „Колибри“. Ова е нејзината приказна
Славица Танеска, уметница
Приказната за мојата поврзаност со „Колибри“ почна многу одамна. Да, јас сум таа мала Славица што имаше само голема, па дури и огромна желба да биде сликарка. Но желбите се остваруваат, без разлика колку е некој голем или пак мал, бидејќи и колибри е мала птица, но еве лета низ страниците на „Нова Македонија“ веќе 65 години.
Јас во „Колибри“ за првпат се појавив како талентирана ученичка, која прво освои прва награда на „Детските Рацинови средби“ во Велес, а потоа организира и своја самостојна изложба на 12 години. Уредничката Марија Таушанска беше првиот новинар од национален медиум што напиша нешто за мојот голем сон. Потоа станав вистинско дете на „Колибри“, со тоа што „Колибри“ навистина беа моите крила во остварувањето на соништата, на неговите страници се пишуваше за моите успеси, награди и изложби.
Но, јас растев, и по повеќе години пораснав и веќе не можеше за мене да се известува во додатокот за деца. Секако, за секој уметник е „ужасно“ кога ќе порасне, па дури и да е тоа само во смисла на бројката на годините, а не духовно. Но, за среќа, јас најдов начин како да останам засекогаш дете! Така, по идеја на прекрасната Марија Таушанска, јас станав соработник на „Колибри“. Најпрвин со објавување некои мои илустрации, а потоа со тоа што првата насловна страница на „Колибри +“ беше мојот акварел со две птици колибри. Во изминатава година 2022/2023 на страниците на „Колибри“ заживеа мојот стрип-херој Марсо Марсоски, кој тука се појави и се развиваше во еден прекрасен стрип за деца, кој ги учи децата на љубов, разбирање и толеранција.
Најголема радост за мене е што јас денес си го живеам мојот сон, сликарка сум, која слика, црта, илустрира, им пренесува знаења на студенти, и засекогаш останувам детето на „Колибри“!!!