Глаголицата за нас е артефакт и културолошки споменик од средновековието, кој му пркоси на забот на времето, стамено и гордо исправена пред сите предизвици на модерното време, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат значењето. Кирилицата е живо, активно писмо во Македонија, кое нè поврзува со заветот на Кирил и Методиј и сегашноста полна со предизвици. Двете писма се столбовите на македонскиот идентитет, сведоци на постоењето на Македонците низ вековите, од кои никако не смееме да се откажеме. Исто како и од Кирил и Методиј, кои се сесловенски, но и македонски светители и учители

Денот 24 мај, кога започнала Моравската мисија на солунските сесловенски учители Кирил и Методиј во 863 година, денес во Македонија е празник посветен на овие двајца светители, но и чествување на нивното дело, азбуката што ја создале – глаголицата и кирилицата, која е нејзина надградба. Првата, глаголицата, е запретана во нашето далечно средновековие, под бедемите на древниот Охрид, а другата, кирилицата, е жива, еластична, разиграна, готова да ги прегрне предизвиците на новото време.
Глаголицата, која има 38 букви, е нашата врска со солунските сесловенски учители. Таа е азбуката на која светите браќа ги запишале првите преводи на првиот и тогаш единствен литературен јазик за целиот словенски род – старословенскиот, кој претставува отслик на говорот на македонските Словени што живееле во три села во околината на Солун: Сухо, Висока и Зарово. Со преведените црковни книги, нашите првоучители тргнуваат во својата света мисија, за ширење на христијанството на јазик разбирлив за сите Словени ̶ во Моравија. Со тие букви, со книгите запишани на тие букви, Кирил и Методиј заедно со своите ученици стигнуваат кај папата Адријан II, кој старословенскиот јазик ќе го постави во редот на светите јазици, заедно со хебрејскиот, латинскиот и грчкиот. Враќајќи се назад, прво во Панонија, потоа и во Моравија, без својот учител Кирил, кого ќе го погребаат во Рим (869 г.), учениците ќе ја продолжат својата просветителска мисија сè до смртта (во 885 г.) на постариот од првоучителите, Методиј, кога за нив ќе дојдат уште потешки времиња од претходно, па ќе бидат протерани од Моравија. Еден од најдаровитите ученици на светите браќа, Климент, заедно со Наум и Ангелариј преку Белград ќе пристигне во Плиска, каде што од кнезот Борис ќе му биде понудено да учествува во промената на глаголското писмо со кирилско. Климент поради почитта спрема своите учители ќе одбие, поради што ќе биде испратен на работ од провинцијата во Охрид, каде што подоцна ќе му се придружи и Наум, и ќе ги постави основите на Охридската книжевна школа, од која потекнуваат најстарите евангелија запишани со глаголица: Зографско, Мариинско и Асеманово евангелие (сите настанати во 11 век). Глаголицата во Охрид ќе се применува до крајот на 11 и раниот 12 век, односно уште два века по нејзината замена со кирилица во 893 година. Оттогаш па наваму, Охрид „ќе врзе“ и ќе израсне во еден културен и духовен центар, кој со право ќе го добие епитетот словенски Ерусалим, но во кој, за жал, до ден-денес не е актуализирана глаголицата во нејзината обла форма, во смисла на нејзина културна промоција како дел од богатото македонско средновековно книжевно наследство, од една страна, и како дел од туристичка понуда на Охрид во вид на нејзини сувенирни реплики, нешто што хрватското крајбрежје го нуди со децении, само со аглестата форма на глаголските букви…
Македонската кирилица, како и секое друго писмо, има свој историјат. На македонска почва тој историјат започнува со: Самоиловата надгробна плоча од 993 г., подигната од самиот цар во спомен на своите родители и брата си Давид, и со најстарото кирилско четвороевангелие од 12 век, Добромировото, во кое се одразени јазичните црти на македонската црковнословенска варијанта. Прескокнувајќи ги вековите што следуваат, во кои, главно, се користи црковнословенската кирилица, стигнуваме во 19 век, во кој нашите автори, како што се: Крчовски, Пејчиновиќ, Џинот, Синаитски, Жинзифов, Миладинови, Прличев и др., во своите книжевни дела по сопствено видување си прават сопствени јазично-изразни идиоми што ги претставуваат низ своите своевидни правописи, како и низ сопствениот подбор на букви за бележење на гласот ј, како и на гласовите што ги нема во „старата кирилица“, како што се: ќ, ѓ, љ, њ и џ. Дваесеттиот век е оној најзначајниот за македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во самиот почеток на овој век се појавува Мисирков, кој со својот кристално чист став за изгледот на современиот македонски јазик ги потврдува најавите на Пулевски од 80-тите години на 19 век за посебноста на македонскиот јазик, кој не е ниту српски ниту бугарски – ами свој! Четири децении подоцна, визиите на Мисирков ќе се материјализираат во решенијата од Првото заседание на АСНОМ (2.8.1944) за тоа дека во основата на македонскиот литературен јазик треба да се најдат говорите од Централна Македонија, а писмената реализација да се одвива со своја македонска кирилица ослободена од црковнословенски анахрони буквени решенија, туку врз современ фонетски принцип, што значи: секој глас да си има своја буква, со што 44-те букви од црковнословенската кирилица се сведуваат на бројката 31, колку што изнесува бројот на буквите во македонската азбука!
Ако погледнеме наназад низ вековите, токму македонските говори на трите села околу Солун: Сухо, Висока и Зарова ја дале основата за првиот општ книжевен јазик за сите Словени – старословенскиот. Старословенскиот е јазикот на кој светите Кирил и Методиј ги превеле од грчки црковните книги за да може полесно да се шири христијанството меѓу словенскиот свет. Врз овој факт се темели македонската теорија за основата на старословенскиот јазик, која ја застапуваат хрватскиот славист Ватрослав Јагиќ и словенечкиот Ватрослав Облак.
Глаголицата за нас е артефакт и културолошки споменик од средновековието, кој му пркоси на забот на времето, стамено и гордо исправена пред сите предизвици на модерното време, во кое, за жал, вистинските вредности често го губат значењето. Кирилицата е живо, активно писмо во Македонија, кое нѐ поврзува со заветот на Кирил и Методиј и сегашноста полна со предизвици. Двете писма се столбовите на македонскиот идентитет, сведоци на постоењето на Македонците низ вековите, од кои никако не смееме да се откажеме. Исто како и од Кирил и Методиј, кои се сесловенски, но и македонски светители и учители.

Елка Јачева-Улчар
Научен советник при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје