Во рамките на манифестацијата „Денови на културата во општината Илинден 2023“

Со низа настани во Домот на културата во Илинден се одржа традиционалната 24-та манифестација „Денови на културата во општината Илинден“, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Во рамките на манифестацијата се одржа креативна работилница „Имагинарница“, на темата „Како се создава литература за деца и млади“, со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од општината Илинден. На големо задоволство на учениците се одржа и традиционалното литературно матине за деца „Пролетно поетско будење на Илинден“, на кое учествуваа истакнатите македонски писатели за деца и млади, како Горјан Петрески, Ели Маказлиева, Мито Спасовски, Перо Миленковски, Васил Мукаетов, како и Христо Петрески.
По повод меѓународната литературна манифестација, Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на темата „Творам за Илинден“ за учениците од општинските основни училишта, при што на литературното матине за деца беа прочитани и наградените песни, а градоначалникот на општината Илинден, Александар Георгиевски, им додели пригодни награди на учениците.