Денес со црковно-народна свеченост и во присуство на голем број локални жители и верници од регионот, беше осветен црковниот храм „Свети Атанасиј“ во село Миокази кичевско. Чинот на осветување го изврши митрополитот Дебарско-кичевски и плаошки Тимотеј со повеќе свештеници од кичевското архиерејско намесништво.
– За нашето село денес е голем ден, бидејќи по стотина години од почетокот на изградбата се изврши прво осветување на црковниот храм. Црковниот храм е изграден помеѓу двете светски војни а иконостасот и првите икони во црквата ги донеле добростоечките печалбари од нашето село кон крајот на триесетите години од минатиот век. После Втората светска војна и во изминатите децении комплетирана е внатрешноста на храмот со помош на голем број помагатели и верници од селото и регионот – истакна Миле Новески, еден од иницијаторите за осветување на црковниот храм.
Свеченоста заврши со општонародна веселба и покрај дождливото време. З.А.