КОШАРКА – ЕВРОЛИГА

Неделава мајсторки на три дуела за пласман на фајналфор-турнирот

Во кошаркарската Евролига во три дуела од четврт-финалето неделава ќе се играат т.н. мајсторки, решавачки петти мечеви. По четири средби нерешено, 2-2, во победи е на средбите Олимпијакос – Фенербахче (утре се игра петтиот натпревар), Монако – Макаби Тел Авив и Реал Мадрид – Партизан (двата меча в среда). Единствен тим што досега се пласира на фајналфор-турнирот во Каунас е Барселона, која со 3-0 во победи славеше на дуелот со Жалгирис. Барселона во полуфиналето ќе игра со победникот од дуелот Реал Мадрид – Партизан.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

На сите четири меча резултатот е 2-1

Во сите четири дуела по три меча во второто коло на плејофот на кошаркарската НБА-лига резултатите се 2-1. Така во Западната конференција, Феникс со домашна победа со 121-114 намали на дуелот со Денвер, а Лос Анџелес лејкерс поведе по триумфот дома со 127-97 со актуелниот првак Голден стејт. Во Источната конференција, пак, Мајами победи дома со 105-86 и поведе во дуелите со Њујорк, а Бостон поведе со триумфот на гости со 114-102 на средбите со Филаделфија. За синоќа беа закажани нови дуели од сериите помеѓу Филаделфија и Бостон, односно Фенкс и Денвер. Се игра до четири победи.


ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Евенепул победи на најдолгата воведна етапа на хронометар на Џиро д`Италија

Ремко Евенепул го истакна својот статус на фаворит на 106-то издание на велосипедската грантур-трка Џиро д`Италија со победата на воведната етапа годинава, на хронометар. Тој со победата ја доби и розовата маица за водечкиот велосипедист во генерален пласман на трката, со 22 секунди предност пред второпласираниот Филипо Гана од Италија. Тоа е првата розова маица во кариерата за светскиот шампион на друмски трки, Белгиецот Евенепул, по најдолгиот воведен индивидуален хронометар во историјата на Џиро д`Италија, во должина од 19,6 километри. Евенепул пристигна на Џиро д`Италија по втората последователна титула на трката Лиеж – Бастоњ – Лиеж пред две недели. Втората етапа се возеше вчера, во должина од 201 км.


ТЕНИС

Енди Мареј се врати меѓу првите 50 на АТП-листата

Енди Мареј играше со Томи Пол во финалето на АТП челинџер-турнирот во Екс-ан-Прованс во неделата, откако победи во два сета, со 7-5 и 6-1, против 21-годишниот Харолд Мејо, четвртиот последователен француски играч со кој се сретна на турнирот. Со тоа, трикратниот гранслем-шампион од Велика Британија се врати и меѓу првите 50 на светската ранг-листа на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Американецот Пол, првиот носител, го победи Белгиецот Дејвид Гофин со 6-4 6-2 во полуфиналето. Мареј играше за првата титула по таа во Антверпен во 2019 година, подготвувајќи се за својот настап на гранслем-турнирот Ролан Гарос. Тоа е негово второ финале годинава, откако загуби од Данил Медведев во Доха во февруари.