Норвешкиот клуб ги освои титулите во 2021 и 2022 година и се пласира на третиот во низа фајналфор-турнир. Ждрепката треба да се влече утре, полуфиналист е и Ѓер (седми пат по ред), а преостанатите два учесника на турнирот се решаваа синоќа (Мец или ФТЦ и ЦСМ Букурешт или Есбјерг)

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА РАКОМЕТАРКИ

Норвешкиот Кристијансанд третпат по ред ќе игра на фајналфор-турнирот на Лигата на шампионите за ракометарки, по вкупната победа со 71-56 на дуелите со Рапид Букурешт. Кристијансанд ги освои европските титули во 2021 и 2022 година.
Во полуфиналето се пласира и унгарски Ѓер, по триумфот над Одензе од Данска со 66-55 по двата меча од четврт-финалето. Ѓер е петкратен европски првак (титулите ги освои во 2013, 2014, 2017, 2018 и 2019 година) и седми пат во низа е меѓу четирите најдобри тима во Европа во една сезона на Лигата на шампионите.
Преостанатите два учесника на фајналфор-турнирот во почетокот на идниот месец во Будимпешта (Унгарија) се решаваа синоќа, со реваншите на средбите помеѓу Мец од Франција и ФТЦ од Унгарија (во првиот меч беше 32-26 за Мец) и помеѓу ЦСМ Букурешт од Романија и Есбјерг од Данска (во првата средба беше 32-28 за Есбјерг).
Ждрепката за полуфиналните двојки треба да се влече утре. Н.М.