Ниту едно инсистирање на јавноста, не го убеди премиерот Димитар Ковачевски да го објави договорот со „Бектел и Енка“ или делови од него. Тој, за детали од договорот, ги упати новинарите на брифинг од министерот за транспорт и врски или директорот на ЈПДП. Прашан дали работниците кои ги ангажира државата за работа на автопатите ќе имаат 40 или 60-часовно работно време, тој кажа дека можат да работат по 50 часа се додека не се донесат измените на Законот за работни односи со кои би се дозволиле 60-часа работно време.
– Во моментов имаме закони кои важат. Доколку се донесат законски решенија кои ќе предвидат други услови за работа, тогаш ќе се аплицираат тие други услови за работа. И сега кај нас, согласно законски решенија, може да се работи повеќе од 40 часа, односно 50 часа. Има голем број работници кои работат и по 50 часа, по свој избор и согласност – кажа Ковачевски.
Според Ковачевски, 51 процент од работите треба да се изведат од страна на македонски работници, инжењери, македонска механизација, а голем дел ќе биде од странство односно од „Бектел и Енка“. Договорот во кои се предвидени овие услови, останува тајна.
– Сите договори кои што се практично од работата на ЈПДП и кои што во своите одредби имаат деловна тајна на страните кои се потписници, имаат назнака на доверливост. Тие содржат, како комерцијален договор – деловна тајна на компанијата која е дел од договорот во која таа ги прецизира технологиите на работа, структурите на трошочните и ценовни елементи. Заради доверливоста на податоците да не дојдат во посед на нивните конкуренти, тие договори се карактеризирани како такви – додаде Ковачевски.
Коридорот 8, според премиерот, ќе почне да се гради и ќе се изгради.
– Потпишан е договор на 400 страници, каде се дефинирани сите обврски од изведувачот, како и обврски од другата страна – а тоа е државата. Така што, за сите детали за текот на градбата, изградбата ќе може да ве информира управувачкиот комитет и ЈПДП – кажа Ковачевски.