Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оцени дека извештајот на Државниот завод за ревизија за безбедносните системи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е алармантен. Тој информира дека веќе работи владина работна група која треба да подготви план за заштита не само на податоците на осигурениците, туку и на самите системи.
– Таму постојат системи што се критично засегнати, па затоа треба да утврдиме и како треба да се развива Фондот за пензиското и инвалидското осигурување во иднина. Ова не е проект само на една институција, ниту само на Фондот. Ова е проект на целата држава и сите мораме плански да постапуваме. Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци – изјави Андоновски, пренесе МИА.
Тој се надева дека во наредниот период работната група формирана од Владата ќе ги преземе потребните чекори за надминување на утврдените проблеми и зајакнување на безбедноста на системите.
Андоновски ги даде изјавите пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје.
































