Фото: Фејсбук/Володимир Зеленски

Рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот лидер Володимир Зеленски ги посетија нивните трупи во близина на фронтот, во различни денови на различни локации, но со иста цел, за да ја зацврстат решителноста на војниците додека војната влегува во 14-от месец, пишуваат светските медиуми.

Во видеоснимките од посетата на Путин на Херсон во јужна Украина, се забележува како рускиот претседател пристигнува со хеликоптер, а потоа оди во штабовите на воената команда во Херсон и во Луганската Народна Република. Облечен во темен костум, Путин завчера присуствувал на состаноци со военото водство на двете локации.

Фото: Принтскрин

Следниот ден, Зеленски ги посетил украинските единици во Авдијивка во регионот Донецк, каде што се водат жестоки битки, при што и тој, како и неговиот руски колега, слушал извештаи за ситуацијата на бојното поле, а поделил и признанија. Зеленски го зголеми бројот на посети во деловите опфатени од војната, честопати патувајќи со воз.

– Известувањето за посетата на Путин го прикажува рускиот претседател во формални ситуации, додека фотографиите објавени од кабинетот на Зеленски даваат поопуштен приказ на украинскиот лидер, кој прави селфи фотографии и јаде торта заедно со војниците – пренесува „Си-ен-ен“.

Фото: Фејсбук/Володимир Зеленски

Путин им го честиташе Велигден на војниците и им подари копија од иконата „Спасител без раце“, која, како што нагласи, му припаѓа на „еден од најуспешните министри за одбрана на Руската империја“.

Рускиот претседател беше во Мариупол на 19 март, а потоа го посети и Ростов на Дон, каде што одржа состанок и ги слушаше извештаите на воените лидери во штабот на специјалната воена операција.

Фото: Принтскрин