Сепак големите сили интензивно размислуваат за што побрзо мирољубиво решение на украинскиот конфликт
Меѓународната јавност со огромно интересирање го следи развојот на настаните околу најновото протекување доверливи американски документи, преку „Вашингтон пост“, кој се повикува на публикувани информации на членови на социјалната мрежа Дискорд.
Во своето соопштение за јавноста, социјалната мрежа Дискорд изјави дека по оваа основа, таа веќе соработува со американските власти, откако Министерството за правда на САД минатата недела започна официјална истрага. Пентагон, кој го отвори случајот, во моментов ја проценува штетата предизвикана од она што може да биде најштетно објавување доверливи американски информации во последниве години.
Американски сценарија за расплет на украинската криза
Она што привлече посебно внимание во јавноста беше доверливиот разузнавачки документ до кој дојде „Њујорк тајмс“ (повикувајќи се на Дискорд) што опишува четири можни сценарија за ставање крај на конфликтот во Украина.
Хипотетичките сценарија вклучуваат и „смрт на рускиот претседател Владимир Путин“, како и „смрт на украинскиот претседател Володимир Зеленски“. Третото сценарио е „промена на раководството во руските вооружени сили“, а четвртото е „украински пуч“.
Во документот се наведува дека војната најверојатно ќе биде долготрајна и дека секое сценарио вклучува и три различни можности за развој на настаните: прво „ескалација во Украина“, второ може да има „договорен крај на конфликтот“ или трето „нема да има значително влијание врз текот на војната“.
Според коментарот на „Њујорк тајмс“, документот што содржи можни сценарија е типичен производ на разузнавачките агенции, дизајниран да им помогне на воениот сталеж или на креаторите на политиката да ги разгледаат можните исходи од големите настани при процената на нивните опции.
Документот е означен како RELIDO, што укажува дека одлуката за објавување информации, на пример на странски партнери, ја носат одредени високи функционери. Тој е датиран од 24 февруари, означен како „ЕДНА ГОДИНА“, што укажува на тоа дека анализата била спроведена една година по почетокот на инвазијата.
Едно од четирите хипотетички сценарија покажува што би можело да се случи доколку Украина го нападне Кремљ. Идентификувани се широк спектар потенцијални импликации. Настанот може да доведе до ескалација, при што Путин размислува за употреба на тактичко нуклеарно оружје, или загриженоста на јавноста може да го поттикне да преговара за крај на конфликтот. Администрацијата на Бајден е особено загрижена за можен украински удар врз Москва, бидејќи тоа може да предизвика драматична реакција од Русија. Опасностите од таков напад на Украина се една од причините зошто САД не сакаат да му дадат на Киев ракети со поголем дострел, пишува весникот.
Некои анализи на разузнавачките агенции ги проценуваат „веројатните последици од одреден настан“, додека главниот документ ги опишува само можните сценарија без да ја процени веројатноста за поединечни исходи.
Американските власти одбија да кажат дали документот е вистинит, но не ја оспорија неговата автентичност. Документот е сличен на другите документи произведени од официјални лица на Пентагон, чија автентичност е исто така потврдена.
Документите што протекоа во јавноста покажуваат дека Вашингтон внимателно го следел Антонио Гутереш, јави Би-би-си. Американската влада верува дека генералниот секретар на ОН е доста подготвен да им угоди на руските интереси, покажуваат новообјавените тајни документи на Пентагон. Неколку документи ги опишуваат приватните комуникации меѓу Гутереш и неговиот заменик, како и опсервацијата на Гутереш за војната во Украина и низа африкански лидери.
Еден од документите се фокусира на Црноморскиот договор за жито, постигнат во јули од ОН и Турција по стравувањата од глобална криза со храна. Тие сугерираат дека Гутереш бил толку заинтересиран за зачувување на договорот што бил подготвен да ги прифати интересите на Русија, пишува Би-би-си. „Гутереш ги истакна своите напори за подобрување на извозната способност на Русија“, се вели во документот, „дури и ако тоа вклучува санкционирани руски субјекти или поединци“.
Неговите дејства во февруари, според оцената, ги „поткопуваат широките напори да се бара одговорност од Москва за нејзините постапки во Украина“.
Велејќи дека нема да ги коментира објавените документи, еден висок функционер рече дека ОН се „водени од потребата да се ублажи влијанието на војната врз најсиромашните во светот“. „Ова значи да направиме сè што можеме за да ги намалиме трошоците за храна и да се осигуриме дека ѓубривото е достапно за оние земји на кои им е најпотребно“, рече тој.
Друг документ, кој датира од средината на февруари, го опишува разговорот помеѓу Гутереш и неговата заменичка Амина Мохамед. Во него, Гутереш изразува „зачуденост“ од повикот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, до Европа да произведе повеќе оружје и муниција поради војната во Украина.
Руските размислувања и ставови за мировно решение
Москва верува дека е можен „сеопфатен, праведен и одржлив мир во Украина и Европа“ кога ќе престанат борбите меѓу руските и украинските трупи и снабдувањето со оружје од западните земји, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галужин во интервју за руската РТВИ, Зборувајќи за низа геополитички прашања, тој се осврна и на конкретните решенија за руско-украинскиот воен конфликт.
– Потребен ни е неутрален и неврзан статус на Украина, нејзино децидно повлекување од аспирациите да се приклучи кон НАТО и ЕУ, понатаму потврда на статусот на Украина – без нуклеарно оружје, како и признавање на новата територијална реалност од Киев и меѓународната заедница – изјави заменик-министерот.
Министерот Галужин рече дека јавноста треба да го знае фактот дека Украина одбила да размислува за дипломатско решение на војната и дека нема „значителни промени“ во позицијата на Киев, бидејќи „продолжува да се потпира на воено решение на конфликтот“.
– Се чини дека многу ќе зависи од тоа колку брзо Киев и Западот ќе сфатат дека рецептот за мирна иднина на Украина лежи во враќањето на изворите на нејзината државност, содржани во Декларацијата за државен суверенитет од 1990 година, која предвидува неутрален статус на Украина, а не „блоковски статус“. Наедно, дека ги почитува ги правата на руското население во земјата и нејзините национални малцинства – рече тој.
Галужин додаде и дека Русија „нема да толерира постоење на отворено антируска држава“ на нејзините граници, додавајќи дека главната пречка за постигнување договор за воспоставување безбедна зона околу нуклеарната централа Запорожје е „тврдоглавоста на Украина.“
Кинеска иницијатива во 12 точки сѐ уште високо на мировната агенда
Во документот насловен „Позицијата на Кина за политичкото решение на украинската криза“, објавен од кинеското министерство за надворешни работи, се наведува дека „Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во продолжувањето на мировните преговори“.
Документот содржи 12 точки, а веќе во првата точка сите инволвирани страни се повикуваат да го почитуваат суверенитетот на сите народи. Планот го повикува светот „да го напушти менталитетот на Студената војна“ со ставање крај на „сите еднострани што кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН“.
Во документот се наведени следните 12 точки: почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна, завршување на непријателствата, продолжување на мировните преговори, решавање на хуманитарната криза, заштита на цивилите и воените заробеници, зачувување на безбедноста на нуклеарните централи, намалување на стратегиските ризици, олеснување на извозот на жито, запирање на едностраните санкции, одржување стабилни индустриски и синџири на снабдување, како и промовирање постконфликтна реконструкција.
Како заклучок, се наметнува ставот дека сите големи играчи, засегнати од актуелната ситуација во Украина, сѐ поинтензивно размислуваат за мировно решение и тоа да се реализира што побрзо. На сите им станува јасно дека војната не е решение, поточно дека решението мора да се најде на зелената преговарачка маса. Колку порано се реализира тоа, толку помали ќе бидат последиците, пред сѐ во човечки жртви, во бројот на раселени, но и во огромната материјална штета не само за двете завојувани страни туку и за целиот свет директно или индиректно.
Подготвил: Mарјан Велевски