Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мачните времиња полни со притисоци и стрес ги направија македонските граѓани европски рекордери по бројот на испушени цигари, посети на казина, консумација на шеќер, за на крајот сето тоа да резултира со најкраток животен век во Европа. Се чини дека македонското срце не може долго да ги издржи сите премрежиња со кои постојано се соочува, особено во последните три децении, секогаш далеку од мирните води што значат убав живот, среќа, просперитет. Сето тоа како да е резервирано за некои други, стандардно посреќни и подолговечни народи

Информациската војна моќна алатка за остварување на интересите

Дезинформации и лажни вести имало отсекогаш, но со појавата на интернет-мрежата тие добија легална платформа за побрзо и поефикасно ширење, но во исто време тоа значи и контрола врз информациите и нивно користење како алатка за борба со неистомислениците.
Имено, секоја информација што е во спротивност со мејнстрим-политиките лесно може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести само затоа што се коси со нечии поставени политики и интереси на одредено подрачје.
Неодамна земјава ја посети специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, кој, коментирајќи ги процесите во земјава околу уставните измени, рече дека е легитимно некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со одлуките за уставни измени, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политичка дебата за прашања како што е промената на Уставот.
Поаѓајќи по оваа логика, произлегува дека во нашиот случај секое мислење што е спротивно на актуелниот наратив на Брисел околу уставните измени ќе биде оценето како ширење дезинформации, лажни вести, а во полза на пропагандата и влијанијата од трети земји.

Ваква категоризација, за тоа „што претставува една информација, а што дезинформација“, е длабоко задирање во демократијата на една земја, но генерално се коси и со самите новинарски принципи, кои подразбираат за секоја проблематика еднакво да бидат застапени сите гледишта и позиции, без некому да му се ускратува правото јавно да го изнесе сопствениот став.
По оваа логика на Рубин, секој може да каже што сака, но ако тоа е спротивно на генералната меѓународна заложба дека Македонија мора да го промени Уставот, тогаш нема зошто тоа да не се смета за дезинформација или лажна вест бидејќи ги попречува „демократските“ процеси на државата.
Истиот наратив последниот период го употребуваат и некои политичари во земјава, кои сите оние што искажуваат одредени резерви и стравувања поради последиците од евентуалните уставни измени ги нарекуваат „хистерични“ и „антиевропски“ елементи.
Произлегува дека само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина и единствена исправна политика, додека сè друго е пропаганда, дезинформација и лажна вест!?
Дополнително прашање е дали на тој начин не се задира во демократијата на една држава, дали не се нарушува нејзиниот суверенитет и, воопшто, дали со таквата информацисо-дезинформациска борба не се слабее внатрешното ткиво на земјата.
Тука се наметнува и уште една клучна дилема – дали нешто што нам ни одговара како држава, што е од наш интерес, а притоа не го загрозува територијалниот интегритет на државата, но е во спротивност со интересите и политиките на одредени моќни центри, автоматски ќе значи дезинформации, ширење лажни вести, непријателска пропаганда.

Тогаш дали како „дезинформации“ и „лажни вести“ треба да се оценат и изјавите на поранешната британска премиерка Тереза Меј, на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, на францускиот претседател Макрон, како и на голем број други европски високи претставници што тврдеа дека „името е единствен услов Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“. Гледано од денешна перспектива, произлегува дека сите тие ширеа лажни вести и дезинформации пред македонските граѓани за нивната европска перспектива.
– Каде што владее силата, правото го нема, така е и со дезинформациите. Стопирањето да се слушне другата страна, односно спротивставеното мислење секогаш да се оценува како лажна вест или дезинформација има контраефект – смета Синиша Пекевски, аналитичар и познавач на состојбите во информациската сфера.
Според него, она што го порачува Рубин околу потребата да има нормална дебата за уставните промени подразбира ставовите да бидат на иста линија со меѓународните партнери, и ништо друго.
– Има едно познато правило кое посилниот постојано и отсекогаш го наметнувал: Слушај ме што ти зборувам, не гледај што правам. Не треба да имаме никакви сомнежи дека Западот си ги гледа сопствените интереси, а не интересите на Македонија. Доволен пример е договорот со „Бехтел и Енка“. Така настапува и ЕУ. Ако сите тие се против ширење дезинформации и лаги, тогаш зошто не ја казнат Бугарија за ширење лаги за Македонија, за историјата и сл. – констатира Пекевски. С.Т.