Кога премиер (без легитимитет добиен на избори) ви е домаќин човек со убава и успешна жена, а притоа и мајстор за палачинки – не очајувајте! Ако немате за леб, струја, станарина и слично, свртете некоја палачинка. Дури и ако немате со што да ја намачкате… битно е да живеете здраво и евтино. Само следете го примерот на премиерот; за рекреација (ако се прејдете) следете го примерот на првиот вицепремиер (немојте да го следите вториот – ем е скапо ем нема да ги добиете посакуваните резултати). Единствено не знам дали имате јајца. Незамрзнати, се разбира…
Се обидувам да се шегувам за најсериозните работи – егзистенцијата и благосостојбата на човекот, на секој од нас. Деновиве, особено по објавувањето на одлуката на Уставниот суд за укинување член на закон со што се овозможува зголемување на платите на функционерите за неверојатни 78 отсто, се изначитав духовити коментари. Еден од нив гласеше: „Е па, ајде и на наша глава!“ Колега напиша: „Нов проект на Северна МакедоЊа: 78 проценти поблиску до ЕУ, а цената на јајцата ни е замрзната!“ Иљче Затарковски ќе напише на Фејсбук: „Ако работите вредно, посветено, не јадете и не трошите на ништо, за 3 месеци ќе го заработите покачувањето што го добија функционерите. За цела плата ќе ви требет уш 7-8 месеци и, вака-така, поминала годината“.
Претходно твитераш предложи туристичка понуда: „Посета на Франција, за оние што би сакале да видат како изгледа народ со јајца“ (друг збор употреби, ама разбирате). Не е за смеење работата, но духовитоста во тешки времиња е сепак зрак на надеж дека не сме (сосема) мртви. Како што тонеме (како општество) во сопствената беда, сиромаштија, неморал, корупција, неспособност… така на ум ми доаѓа еден стар виц, од времето на транзицијата. Слушнал еден бизнисмен дека овде живеат најкротките работници на светот; можеш да им правиш што сакаш, но тие си молчат и ’рмбаат. Ја купил фабриката и почнал да ги тестира вработените. Прво им ја укинал паузата за ручек – ништо! Потоа им го одземал викендот – молк. Им го продолжил работното време – јок, ни да писнат! Конечно, ги повикал сите да им соопшти дека другиот ден планира да ги обеси. Работнициве наведнале глави и молчат. Изнервиран, газдата прашува: добро, нема ли некој нешто да каже?! И тогаш срамежливо и треперливо се појавува една подигната рака. Конечно! Работникот прашува: а јажиња вие ќе ни дадете или сами да си донесеме? Ете, до тоа дереџе сме стасани – иако мнозина можеби мислат дека претерувам.
Кој да се побуни? Кој да каже: НЕ, ДОСТА Е!? Ја претеравте! Ниту власта ниту опозицијата се плашат од народот. Го третираат како газдата работниците од вицот. Најголемиот „хуман“ чин деновиве е најавата на некои (опозициски) функционери дека зголемувањето на платата ќе го давале во хуманитарни цели! Пазете, ќе си ја примаат платата ама ќе изигруваат хуманитарци! Како во онаа приказната за сиромавиот и богатиот што му купил пол кило џигер, па го шетал наоколу да се фали колку е добар човек. Од естаблишментот доаѓаат контрадикторни сигнали: Пендаровски, се разбира, се обидува да „избоксува“ втор мандат, па му е лесно да го осуди чинот. А и да не добие втор мандат, баш се насекира – со претседателски пензионерски привилегии ќе си замине во историјата. Бујар Османи индиректно му порачува: „Политичарите за кои платата не е важна, веројатно имаат други извори“. Хммм, можеби имаат умни деца и убави жени… Но итар е Османи (или барем така си мисли за себе): ем сака да ја има тортата ем сака да ја изеде. Тој, замислете, живеел од плата, а платите биле скандалозно ниски. И тука доаѓа до пресвртот: сака Бујар да помири чист популизам без да ја изгуби привилегијата. Имено, сите плати требало да се покачуваат, а тие на политичарите на крајот. Мижи Митро, тулумби паѓаат! Ние, демек наивни, па веруваме дека од плата живеат (додатоците, дневниците, злоупотреба на службени возила, надоместоци за одвоен живот, за патарини итн. ич не ги ни броиме).
Сето ова се случува во време кога долговите на државата се веќе преку главата. Со години гледаме цели (јавни) претпријатија како не можат ни основна плата да земат. Лекарите те штрајкуваат, те се нагодуваат со власта за некоја трошка – тие барем добиваат нешто за разлика од професорите, кои и орден за заслуги му дадоа на Талат – затоа што им ветил покачување на платите од 1 јануари идната година. Не умри магаре до зелена трева! Пари има за лубриканти, за повеќејазични табли и полициски униформи, а верувам дека пари ќе има и за двојазични пари! Што тука не е јасно? Немате за леб, ама ќе имате етничка правда. Селективна, ама тоа е…
Всушност, сите сме магариња кога дозволуваме една карикатура од Уставен суд (сетете се дека овие што се сега на власт го гаѓаа со бои, ама и со јајца) да турка во фиоки суштински закони по нарачка (СЈО никогаш не се беше преиспитано, заедно со серија суштински закони и акти), но како кец од ракав да вади закон за платите на функционерите. Под притисок (млак, ама сепак…) на јавното мислење Владата најавува дека ќе размислела за ново законско решение. Ме чуди молкот на пратениците. Или можеби јас сум чудна што помислувам дека би можеле самите да поведат иницијатива за промена на законот? Стара изрека вели: па и господ прво себе брада си направил! Но стариот добар и умен Маркс имаше добра дефиниција за правото: тоа е волјата на владејачката класа преточена во закон. А законите, се знае, се применуваат и под принуда од санкции. Тие себе „бради“ и палачинки, ние ќе молчиме пред оние со двојазичните униформи.
Додека ви зборуваат за три години во НАТО, за нивните успеси и евроинтеграции, не заборавајте дека овде нема ни Д од демократија. Сиромаштијата е најстрашниот облик на насилство, велеше умниот Ганди. Не треба да удрат со пендреци, бидејќи убиваат со уништување на идејата и институциите што треба да го чуваат и негуваат јавното добро. Убиваат со закони, а законите не се израз на правдата или правичноста. Овде владее какистократија: власт на најлошите, најнеспособните и најбескрупулозните. Но и идиократија – соучесници на првите се сите оние што „не се замараат со политика“. А цената што ја плаќаме за тоа е што нè управуваат полоши од нас. Знам, маѓепсан е кругот. Прашањето е кој ќе го пресече?