Како да се урне ѕидот што разделува

Доколку ја земеме актуелната состојба кога отворено се негираат македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн., кога има отворени обиди за уништување на македонскиот национален супстрат, предрасудите кон Македонците со исламска вероисповед се надвор од здравиот разум. Затоа треба сериозно да се сфатат укажувањата на претставниците на Македонците со исламска вероисповед дека неопходно се наметнува потребата од водење правична политика за целосно интегрирање на ова население, затоа што тоа е нераскинлив дел од македонскиот народ

Во современата лингвистика постојат неколку објаснувања за терминот предрасуда, односно овој збор има значење за однапред смислен суд или мислење, негативно мислење, наклонетост формирана без праведна основа или недоволно познавање на нештата, како и ирационален став на непријателство насочено против поединец или група. Во оваа конотација зборот предрасуда може да доведе до непочитување на нечии права и токму ова е еден од суштинските проблеми на нашето општество уште од почетокот на создавањето на современата македонска држава. Но за што точно станува збор?
Постојат неколку дефиниции што точно се подразбира под терминот народ, а во една нив се вели дека народ (етничката група) е група луѓе што споделуваат слична култура (верувања, вредности и однесувања), јазик, религија, потекло или други карактеристики што често се пренесуваат од една генерација на друга. Но религијата не е задолжителен елемент за формирањето на еден народ, туку јазикот, културата, обичаите итн.
Доколку на овој начин го разбираме зборот народ, тогаш сосема природно Македонците со исламска вероисповед се нераскинлив дел од македонскиот национален супстрат, затоа што со промената на вероисповедта тие не си ја промениле и националната припадност. Но иако Македонците со исламска вероисповед се значаен дел од македонската нација, овие наши сограѓани со децении се соочуваат со предрасуди.
Наспроти тоа, тие и натаму засекогаш остануваат Македонци, како нераскинлив дел од националното ткиво, како носители на државноста во оваа наша Македонија. Тоа е и мотото од кое се инспирираат и раководат многубројните истакнати дејци меѓу Македонците со исламска вероисповед и на Сојузот на Македонците со исламска вероисповед, кои особено последниве неколку децении се залагаат и вредно работат на нивна интеграција во македонското општество. Но како што истакнува Исмаил Бојда, наидуваат на „огромен ѕид“ помеѓу Македонците христијани и Македонците муслимани и треба здраво да се работи за да се премости тој ѕид.
Притоа, тие особено ги потенцираат погрешните политики на македонската држава, особено со потпишувањето на Преспанскиот договор и договорот со Бугарија, поради кои се доведовме во ситуација уште повеќе да се раздроби македонското национално ткиво…

На многубројните апсурдни ситуации посочува и Латиф Пајкоски, кој вели: „Ние во минатото се соочувавме со сериозен проблем, имам лични искуства, кога сака некој да се запише во училиште. Иако во документите пишува дека се етнички Македонци, името им е муслиманско. Службите таму кога ќе го видат името, без да ги читаат податоците, ги запишуваат во групата Албанци или Турци“.
Доколку ја земеме актуелната состојба кога отворено се негираат македонските национални особености – јазик, историја, култура, обичаи итн., кога има отворени обиди за уништување на македонскиот национален супстрат, предрасудите кон Македонците со исламска вероисповед се надвор од здравиот разум. Затоа треба сериозно да се сфатат укажувањата на претставниците на Македонците со исламска вероисповед дека неопходно се наметнува потребата од водење правична политика за целосно интегрирање на ова население, затоа што тоа се нераскинлив дел од македонскиот народ.
Во овој контекст е и искажувањето на академик Катица Ќулавкова, која вели дека Македонија како држава треба да спроведе соодветни развојни политики за да се избегне радикализирање на т.н. флуктуирачки идентитет на Македонците муслимани. Според неа, Македонците со исламска вероисповед со право некогаш даваат отпор спрема отсуството на социјален сензибилитет на македонските државни институции спрема нивните потреби, спрема нивните специфики. Не случајно таа вели дека религијата не смее да се претвори во фактор на делба на македонскиот народ, туку напротив. Македонците со исламска вероисповед ѝ припаѓаат на македонската етнонационална целина. Тажно е да се гледа како еден препознатлив дел од македонскиот народ се преобразува, произволно, со помош на несоодветни развојни и други политики, во етнички конструкт, нагласува академик Катица Ќулавкова.

И повторно да се навратиме на зборовите на Исмаил Бојда, кој вели дека се потребни суштествени реформи и политики што ќе ја издигнат државата на едно повисоко ниво во врска со третманот на ова прашање. Тој укажува дека повеќе идеи од негова страна се преточени во вид на предлози, со една поширока палета од економски чекори, политички, културни и образовни, инвестиции, до надлежните и сите општествено-политички чинители што би требало да се заинтересираат за овој проблем. „Од нив очекуваме одговор што е можно поскоро“, вели тој.
И што повеќе да се додаде на овие мудри зборови. Грешките од минатото треба да се надминат, да се заборават, никогаш да не се повторат. Националното ткиво треба да заздрави, да се најдат начини овие луѓе да се интегрираат таму каде што припаѓаат, да се вклучат во сите пори на општественото живеење. Она што радува е дека идејата е жива, дека се јавуваат голем број иницијативи како да се спроведат во дело сите позитивни размислувања што водат во тој правец.