Фото: Емил Јовановиќ

На македонската рејтинг-листа на ФИДЕ и понатаму водат Кирил Георгиев (2.546 поени) и ЖФМ Весна Секуловска (2.065 поени)

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА АПРИЛ

На најновата, априлска рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) има само една промена во првите десет места, Американецот Хикару Накамура се искачи на петтото место по успехот во Купот на Америка. Тој сега има седум поени предност пред Холанѓанецот Аниш Гири, кој е шести. Германецот Винсент Кејмер од 2.699 поени стигна до 2.700, благодарение на двете партии во германската Бундеслига и сега е на 38-то место.
На врвот и понатаму е прв убедливо најдобриот светски шахист, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.852 рејтинг-поени), кој наскоро нема да биде повеќе светски првак, оти на 7 април почнува новиот меч за светски првак помеѓу Русинот Јан Непомнијашчи и Кинезот Динг Лирен, откако Карлсен донесе одлука да не ја брани титулата, која ја освои во 2013 година. Но на врвот според рејтинг-поените, Карлсен може да биде прв уште многу години, оти води со околу 60 поени разлика.
Кај шахистките нема промени на врвот, оти повеќето шахистки воопшто не играа во март. Активна беше Русинката Александра Горјачкина на Европското првенство, каде што загуби 11 поени. Нови пет бода освои Германката Елизабет Паетц (2.479), која е 17-та, и направи скок од четири места.
Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.546 поени) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ за април, освојувајќи нови четири поени. Следуваат ВМ Никола Митков (2.485, загуби пет поени), ВМ Трајко Недев (2.465), ИМ Филип Панчевски (2.453), ВМ Александар Чоловиќ (2.441, плус еден поен) итн. Најмногу нови рејтинг-поени меѓу првите 100, во март освоија Стојанчо Димковски (10), кој е на 57-то место (2.024), и Стојан Велкоски (68), кој напредуваше 13 места и сега е 67. (1.936).
Кај Македонките нема промени на врвот во однос на март, води ЖФМ Весна Секуловска (рејтинг 2.065), пред ЖФМ Моника Стојковска (2.042) и Бојана Бејатовиќ (2.000). Ивана Манова е шеста (1.328, и нови пет поени), а Моника Жежовска е 10-та (1.791, со плус 30 нови поени).
Македонија, мажи, остана на 55-та позиција (просечен рејтинг на првите 10 играчи е 2.438 поени), а Македонија, жени, на 58-та позиција (1.932, минус два поена), меѓу 200 држави. Во светот, кај мажите, нема промени, први се САД (2.728), пред Индија (2.691, плус еден поен) и Русија (2.688, минус четири поени), а кај жените води Кина (2.468), пред Индија (2.419, плус четири поени) и Грузија (2.414, плус два поена). Г.И.