Русија денеска соопшти дека нема да ги промени своите планови за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија и покрај бројните критики од западните земји.
– Се разбира, таквата реакција не може да влијае на плановите на Русија – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Рускиот претседател Владимир Путин во саботата објави дека има договор со Минск за распоредување „тактичко“ нуклеарно оружје во Белорусија, земја на вратата на ЕУ со која од 1994 година владее Александар Лукашенко, најблискиот сојузник на Путин.
Според Путин, подготовките за тоа распоредување треба да започнат веќе следниот месец.
– Тука нема ништо необично: САД го прават тоа со децении. Тие одамна го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на своите сојузници – рече во саботата Путин за руската телевизија.
– Ние се договоривме да го направиме тоа – додаде тој, велејќи дека планира од 3 април „да го обучи екипажот“ и на 1 јули да „заврши изградбата на специјално складиште за тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија“.
Таа објава предизвика остри критики од Западот, НАТО ја осуди руската „опасна и неодговорна реторика“, додека Европската унија му се закани на Минск со нови санкции доколку се реализира тоа распоредување.
Кина денеска повика на „дипломатски напори“ за мирно решение на украинската криза, откако Русија ги објави плановите за распоредување на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.
– Во сегашната ситуација, релевантните страни треба да се фокусираат на дипломатските напори за мирно решение на украинската криза и заеднички да се стремат да се стави крај на тензиите – рече Мао Нинг, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Русија најави дека ќе ја заврши изградбата на специјален капацитет за складирање на тактичко нуклеарно оружје во соседна Белорусија, што дополнително ќе ги ескалира тензиите во Украина.
– Русија веќе и го предаде на Белорусија системот Искандер, кој може да носи нуклеарно оружје – изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за ТВ каналот „Россија-24“.
Сепак, Мао потсети дека петте држави со нуклеарно оружје потпишаа заедничка декларација во јануари 2022 година за спречување на нуклеарна војна – пишува кинескиот весник „Глобал тајмс“.
Според Путин, неговиот белоруски колега Александар Лукашенко долго време го поставувал прашањето за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, кое го немало од почетокот на 1990-тите, по падот на СССР.
– Се договоривме со Лукашенко дека ќе распоредиме тактичко нуклеарно оружје во Белорусија без да го нарушиме режимот за неширење на оружјето – рече Путин, пренесе руската новинска агенција ТАСС.
Путин додаде дека САД одамна инсталирале такво оружје во голем број земји, така што нема ништо необично во барањето на Белорусија. Според него, Русија до 1 јули ќе ја заврши изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, а контролата на оружјето нема да биде префрлена на Минск.
Откако Русија започна војна во соседна Украина пред 13 месеци, западните лидери изразија загриженост дека Москва може да го претвори конфликтот во нуклеарен, често врз основа на изјавите на руската страна дека Западот верува дека сите опции се на маса.