Уште не е јасно колку факли ќе бидат произведени, но организаторите планираат промени во традиционалната повеќемесечна штафета низ земјата-домаќин, за да ја направат поеколошка и поодржлива. Ќе има и многу помалку факли од неколкуте илјади што вообичаено се произведуваат за олимписката штафета низ градовите, рече извор за „Ројтерс“
Промени во штафетата за ЛОИ,
ќе има помалку олимписки факли?
Mожеби сите носители на олимписките факли во штафетата за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година нема да можат да ги зачуваат своите факли како спомен на Игрите, бидејќи организаторите планираат да го намалат бројот на произведени факли заради одржливоста, изјави извор за агенцијата „Ројтерс“.
Уште не е јасно колку факли, во кои обично согорува мешавина од гасови, ќе бидат произведени за илјадниците тркачи што ќе учествуваат во штафетата в година пред Летните олимписки игри. Но организаторите планираат промени во традиционалната повеќемесечна штафета низ земјата-домаќин, за да ја направат поеколошка и поодржлива. Ќе има и многу помалку факли од неколкуте илјади што вообичаено се произведуваат за олимписката штафета низ градовите – изјави за „Ројтерс“ извор близок до процесот на палење на факелот и планирање на штафетата.
Носителите на факелот на олимписки игри, кои трчаат по неколку стотици метри пред да го запалат факелот на следниот тркач, обично можат да го купат факелот како сувенир.
– Организаторите планираат да не користат поединечни факли за секој од тркачите. Тие планираат да произведат помалку, а наведена причина е загриженоста за нивната одржливост – рече изворот.
Штафетата во земјата-домаќин почнува по церемонијата на палење на факелот во Олимпија, Грција, местото на одржувањето древни Игри. Не се објавени датумите за церемонијата на палење на факелот во Грција и почетокот на штафетата во април в година во Франција, откако пламенот ќе пристигне во јужното француско пристаниште Марсеј.
Организаторите на Игрите во Париз изјавија за „Ројтерс“ дека, сепак, ќе има традиционално пренесување на пламенот од еден на друг факел помеѓу тркачите со поеколошки модел на штафетата.
– За да се намали влијанието врз животната средина, размислуваме за друг модел, за да може секој да го задржи факелот како сувенир од овој единствен момент – изјави за „Ројтерс“ официјален претставник на ЛОИ 2024.
Организаторите не коментираа за бројот на факли што треба да се произведат, велејќи дека тоа е уште „работа во тек“. За штафетата за Игрите во Токио во 2021 година се користеа околу 10.000 факли. Повеќе од 12.000 лица трчаа со олимпискиот оган во Рио де Жанеиро во 2016 година, а на Летните олимписки игри во Лондон во 2012 година имаше повеќе од 8.000 носители на факелот. Г.И.