Предлог законот за дополнување на Законот за лекови и медицински средства попладнево доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за здравство и ќе биде проследен на натамошна постапка во Собранието.
За овој предлог-закон беа поднесени неколку амандмани од членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои беа одбиени.
Заменик-министерката за здравство, Марија Манолева истакна дека оваа иницијатива има за цел да ја истакне потребата од воведување на можност за склучување на посебни договори меѓу Северна Македонија и производителите на специфични лекови кои се иновативни и немаат конкуренција на пазарот.
-Истовремено сите овие лекови како нови можности за лекување имаат многу висока цена во прометот на лекови и се употребуваат најчесто на третманот на пациенти со ретки болести, со цистична фиброза и други специфични тешки болести. Овие посебни договори кои што би се склучувале ќе бидат помеѓу купувачот и фармацевтската компанија, односно имаат за цел да овозможат достапност на сите овие современи терапии коишто им се потребни на пациентите- рече Манолева.
Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ апелираше до членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ да се остави настрана политиката барем, како што рече, кога станува збор за интересот на пациентите.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески рече дека тие ниту биле, а и ниту ќе бидат против овој закон, посочувајќи дека ќе го поддржат.
Претседател на Комисијата, Арбен Зибери ја прекина седницата и за продолжението, членовите дополнително ќе бидат известени.