РАКОМЕТ
Македонија во првиот меч славеше со 31-30, а во вториот со 32-28
Кадетската ракометна репрезентација на Македонија оствари две пријателски победи над соодветната селекција на Романија изминатиот викенд во салата „Автокоманда“ во Скопје. Црвено-жолтите го добија првиот натпревар минимално со гол предност, 31-30, но во вториот дуел разликата беше поубедлива, односно избраниците на селекторот Раде Стојановиќ славеа со 32-28 или вкупно дадоа 63 погодоци, а примија 58.
Двомечот со Романија секако послужи и за воигрување на македонската репрезентација за она што ѝ претстои летово, а тоа е настапот на Светското првенство (СП), кое ќе се одржи во Хрватска (2-13 август).
Противници на македонските ракометари до 19 години се селекциите на Норвешка, Црна Гора и на Гвадалупе, од која последнава се пласираше откако го освои првото место на кадетскиот ИХФ-трофеј во Костарика, како претставник на Северна Америка и Кариби. Г.И.