Фото: Игор Бансколиев

Има неколку моменти зошто отсуствува таа љубов, почнувајќи од образовниот процес од најниско ниво, преку лошото управување со државата што води кон општествена разочараност и сето тоа дополнето со длабоката етничка и партиска поделеност. И додека во Македонија младите речиси и воопшто не знаат што е тоа патриотизам и како вистински се сака и почитува сопствената држава, во земјите од соседството сликата е сосема поинаква

Зошто младите генерации го губат патриотското чувство

Негувањето на патриотските чувства и припадност кон една земја е нешто што е својствено во секој временски период, но истовремено секое време носи и свои предизвици со чие справување треба најдобро да се покаже како се сака и чува сопствената татковина.
Македонија е најдобриот пример како ова патриотско чувство од жесток пламен на почетокот на 90-тите години од минатиот век, кога се создаде самостојна држава, денес тлее како мало треперливо огинче на врвот на кибритчето, под закана секој момент да угасне.
А голема е шансата да угасне бидејќи младите генерации, врз чии плеќи треба да падне товарот на идниот развој на државата, повеќе го немаат тоа чувство на гордост и припадност кон сопствената држава, па затоа многу лесно се одлучуваат уште како средношколци да ја напуштат својата земја и среќата да си ја побараат надвор, што е погубно за иднината на Македонија.
Има неколку моменти зошто отсуствува таа љубов, почнувајќи од образовниот процес од најниско ниво, преку лошото управување со државата што води кон општествена разочараност и сето тоа дополнето со длабоката етничка и партиска поделеност.
И додека во Македонија младите речиси и воопшто не знаат што е тоа патриотизам и како вистински се сака и почитува сопствената држава, во земјите од соседството сликата е сосема поинаква.
Во Албанија култот кон знамето и јазикот е издигнат до тоа ниво што не постои Албанец во светот, без оглед каде и да се наоѓа, што на Денот на знамето нема да го истекне главниот национален симбол. Минатиот ноември тоа го направија така што среде Лондон ја завиткаа статуата на Черчил со албанското знаме.
Ништо поразлично не е ниту во соседна Србија, каде што образовниот процес започнува со интонирање на химната и со кревање на државното знаме, а едно истражување покажа дека бугарското општество е со најголемо патриотско чувство. И во Хрватска се обрнува посебно внимание на воспитувањето на младите генерации за нивната татковина, а за Грција не треба воопшто да се зборува бидејќи не само што младите Грци се учат дека од нив потекнуваат демократијата, мудроста и науката во светот туку и дека треба да бидат горди на своето минато.


Сето ова најдобро покажува дека индиферентниот однос на младите во Македонија кон својата татковина не е глобален процес што ги погодува сите земји, туку станува збор за сериозен домашен проблем, кој за многу кратко време може новите генерации лесно да ги втурне во идентитетска криза што некој наоколу очигледно ја посакува.
За социологот Илија Ацевски нема сомнеж дека има повеќе аспекти што придонеле за урнисување на тоа патриотско чувство и љубов кон татковината кај младите генерации во Македонија, но од социолошки и педагошки аспект, тој генезата на целиот проблем ја пронаоѓа, пред сè, во лошиот образовен систем, кој, како што вели, некој како намерно да го поставил така што повеќе да ги отуѓува децата од сопствената татковина.
– Несомнено коренот на целиот проблем треба да се бара во образованието, и тоа почнувајќи од најмала возраст, па и подоцна. Јас лично бев фрапиран при едно интерно истражување, разговор со студенти на трета година околу тоа колку ништо не знаат за Гоце Делчев. Замислете, не знаат кога живеел, кога творел идеологот на македонската држава. За што понатаму да зборуваме кога симболот на една борба, темелот на македонската држава, не е препознаен од млади луѓе, кои утре треба да бидат иднината на оваа држава – објаснува Ацевски.
Според него, за тоа придонесува и малиот број содржини во образовната програма со кои ќе се вткае тоа чувство на припадност и љубов кон својата земја.
– Имам впечаток дека во нашето образование постојат малку содржини што се осмислени да го потенцираат овој патриотски момент. Кога едно дете, како што покажаа некои неодамнешни истражувања, користи пет, шест, па дури и седум часа во денот мобилен телефон, тие содржини што ќе ги затекне таму ја немаат таа функција на себелоцирање, на препознавање во едно време, на идентитетското сопствено дефинирање. Тоа не постои. И кога тоа дете ќе се формира како млад човек на 18 години, во тие негови мозочни сфери и неговото поимање за светот го нема одговорот каде тој припаѓа идентитетски. Во тоа е проблемот. Затоа тие деца се насочени кон надвор, таму ја гледаат својата иднина. Едноставно го нема повеќе тоа патриотско и татковинско чувство, да сакаат да останат да ја градат и бранат својата татковина – констатира Ацевски.
Тој додава дека единствен начин да почне да се всадува тоа патриотско чувство кај младите генерации е да почне да се гради сериозен образовен систем што ќе произведува учени луѓе што ќе си ја сакаат сопствената татковина и ќе се борат таа да стане просперитетна и пристојна за живеење.
– Сите овие секојдневни информации што децата ги добиваат во средината во која живеат, за корупцијата, сиромаштијата, безизлезноста, сето тоа влијае врз нив. Македонија е меѓу најсиромашните земји во Европа, така што секојдневното живеење полека се претвора во борба за живот. Но сега таа борба за живот има тука друга димензија, лоцирајќи ги луѓето во еден свој простор. Ако не го прави тоа, тогаш ги носи македонските граѓани којзнае каде низ светот. Затоа е исклучително важно веднаш да се започне со редефинирање на многу работи во образовниот систем, не мора да одиме подалеку, туку да го искористиме примерот на нашите соседи, кој очигледно функционира – заклучува Ацевски.