Атанас Костуранов и Катерина Јовановска се избрани за принц и принцеза на Струмичкиот карневал на синоќешниот макенбал кој се одржа во Хотелот „Сириус“ во Струмица.
Тие вечер (18.30 часот) заедно со кралот и кралската свита ќе го предводат карневалското дефиле на интернационалната карневалска вечер низ улиците на Струмица. Од претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов тие добија медал со логото на карневалот.
На маскенбалот учествуваа голем број гости од земјава и странство, а една од највпечатливите маски беше на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој заедно со неговата девојка Гордана Георгиева беа маскирани како Тито и Јованка Броз, додека пријателите од неговата група беа Гадафи, Хитлер, Фидел Кастро, Че Гевара и други историски личности.
Костадинов рече дека маската нема порака, туку дека е повеќе политичка сатира, а ликовите од историјата нека си останат таму.
-Вечерва се случи бришење на на границите на Балканот, се случи Европа без граници. Беше преубаво да се биде дел од маскенбалот во хотелот „Сириус“, и да се види како луѓе под маски од различни земји и нации заедно пеат, играат и се веселат. Хрвати, Срби, Босанци, Црногорци, Грци, Бугари и Македонци, но и гости од Шведска, Германија, Холандија,Италија, Словенија и Турција, вечерва беа едно. Можеби тоа беше најубавиот маскенбал од сите досега одржани, маскенбал каков што само може да се посака. Им честитам на новоизбраните принц и принцеза Атанас Костуранов и Катерина Јовановска и им посакувам незаборавно учество во царската свита, на утрешната интернационална карневалска поворка – рече струмичкиот градоначалник.
На вечерашното карневалско дефиле се очекува да учествуваат 41 групи во различни категории со учесници од земјава, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција и од повеќе градови во државата, а карневалската поворка се очекува да трае околу 3,5 часови. Нивните маски ќе ги оценува жири комисија, која во различни категории ќе додели награди на најуспешните.
Карневалот продолжува утре, на Прочка, кога се одржува традиционалниот детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски