По две години ограничувања поради пандемијата, денеска започнува 73. издание на Берлинскиот филмски фестивал, во вообичаено издание, и ќе трае до 26 февруари. На програмата на Берлинале се повеќе од 300 филмови, а првата проекција е комедијата „She Came to Me“ во која главните улоги ги толкуваат Ен Хатавеј, Мариса Томеи и Питер Динклиџ, со политички фокус на Иран и Украина.

Берлинале, кое од трите големи европски филмски фестивали го има најсилниот политички фокус, ќе ја одбележи првата годишнина од војната во Украина и протестите против режимот во Иран со нови играни и документарни филмови. Планирани се и голем број специјални настани, како и панел дискусии и протести на црвениот тепих во знак на „солидарност со народот“ на Иран и Украина.

-Берлинале ќе биде прослава на каталитичкиот и револуционерен поим за кинематографијата што обединува дури и кога дели – изјави уметничкиот директор на фестивалот Карло Чатријан.

Се очекува украинскиот претседател Володимир Зеленски да се обрати на фестивалот преку видео врска. Берлинале забрани учество на филмаџии, компании и новинари за коишто оцени дека наводно имаат „директни врски“ со руската или иранската влада.

Жирито е предводено од холивудската ѕвезда Кристен Стјуарт, која на 32-годишна возраст е најмладиот претседател во историјата на фестивалот.

Деветнаесет филмови ќе се натпреваруваат за главните награди Златна мечка и Сребрена мечка, меѓу кои и британско-американската копродукција „Manodrome“ со Џеси Ајзенберг и Адриен Броди во трилерот за возач на „Uber“ кој го чека своето прво дете и е намамен во култ. Во трката ќе се приклучат и два азиски анимирани филмови, на Кинезот Лиу Џиан „Art College 1994“ и на Макото Шинкаи „Suzume“, првото јапонско аниме кое се натпреваруваше на Берлинале по филмот на Мијазаки, „Spirited Away“ ја освои Златната мечка во 2002 година.

На годинешново Берлинале трикратниот оскаровец, режисер и продуцент Стивен Спилберг треба да ја прими почесната Златна мечка за животно дело во германската престолнина. Британската актерка Хелен Мирен премиерно ќе ја прикаже „Golduа“ во која ја игра единствената жена премиер на Израел во историјата, Голда Меир. А Вики Крипс, актерката родена во Луксембург која глумеше во „Phantom Thread“ и „Corsage“, сега ја глуми познатата австриска писателка Ингеборг Бахман во биографскиот филм на германската режисерка Маргарета фон Трот.

Инаку, една третина од филмовите во конкуренција се направени од жени, а тие сочинуваат 40 отсто од сите режисери претставени на фестивалот.

„Love to Love You“, документарниот филм за диско кралицата Дона Самер која дефинираше една ера на подиумот и го инспирираше последниот албум на Бијонсе – „Renaissance“, во Берлин ќе ја има својата светска премиера. Филмот е корежиран од нејзината ќерка Бруклин Судано и содржи досега невидени домашни видеа.

Берлинале се рангира со Кан и Венеција меѓу најдобрите европски филмски фестивали. Наградите ќе бидат врачени на гала церемонијата на 25. февруари. Следниот ден ќе има повторени проекции на популарни филмови од годинешната програма.

Екатерина Лазаревска / Александра Лашкова / Даниел Варбанов