Со создавање централа каде што би се користело согорување и две централи за биогас, Владата може да го реши проблемот со над 91 отсто од создадениот комунален отпад во државата и истовремено да ги диверзифицира методите за тоа. Важно е поголемата централа да биде блиску до Скопје, бидејќи главниот град и околните населени места создаваат најголем дел од отпадот во Македонија. Другите две централи можат да бидат во општини каде што би било најизводливо и најцентрално за да се собере отпад на регионално ниво. Како алтернатива, голема централа може да се изгради на централизирана локација во државата, со дополнителни регионални локации за собирање отпад
Македонија се дави во отпад. Секоја година гледаме како се создава, фрла и согорува сѐ повеќе отпад во депонии каде што не се земени предвид еколошките стандарди. Постојат депонии што дневно емитуваат штетни гасови во голем број градови и села. Неофицијалната бројка на диви депонии е над 1.000, а, има и 57 комунални депонии, кои не ги задоволуваат стандардите за безбедно управување со отпад. Како директна последица на овие депонии е создавањето метан гас, кој е 25 пати помоќен и поштетен отколку јаглерод диоксидот.
Во 2020 година, Македонија имаше 0,3 отсто стапка на рециклирање, а 0 отсто компостирање. Во истата година се генерираа 2.501 тон отпад дневно, или 913.033 тони годишно. Бројките на отпад продолжуваат да растат, додека процентот на рециклирање опаѓа. Во регионална споредба, Словенија има стапка на рециклирање од 59,2 отсто. Недостигот од јасна стратегија за управување со отпад и нејзина имплементација ја доведе земјата до ситуацијата во која се наоѓа денес. Уште позагрижувачки е фактот дека Македонија вложува само 0,5 евра по жител за заштита на животната средина, додека земјите од регионот инвестираат две евра по жител. Развиените земји на ЕУ инвестираат 10 евра по жител.
Решението за проблемот не е толку комплицирано како што изгледа. Примери за решенија на проблемот може да се најдат во Африка. Одредени африкански држави веќе користат најнови технологии за третман на комунален отпад што се посовремени дури и од повеќето европски држави. Македонија заостанува зад земји како Етиопија и Јужна Африка, каде што се создава обновлива енергија од отпадот во градови како што се Адис Абеба и Кејптаун.
Проектот за претворање отпад во зелена енергија наречен „Репи“ во Етиопија обработува 400.000 тони годишно, а неговата изградба чинеше 118,95 милиони долари. Комуналниот отпад што се третира во оваа централа преку согорување произведува пареа што се користи во две турбини од 25 MW и генерира 185 милиони KWh електрична енергија годишно. Ова е доволно електрична енергија за 30 отсто од домаќинствата во градот Адис Абеба, каде што живеат пет милиони жители. Дополнително, централата не испушта штетни гасови во воздухот, туку ги третира преку специфичен третман што ги чисти според најстрогите стандарди на ЕУ иако централата се наоѓа во Африка. Со остатоците од пепел се произведуваат 27.000 тули, а централата истовремено рециклира 3,6 милиони килограми метали на годишно ниво. „Репи“ дополнително користи инсекти за отстранување на отпадот од храна, кои подоцна ги користат како храна во живинарска фарма.
Во Јужна Африка, фабриката за биогас во Кејптаун преработува 219.000 тони отпад годишно, а чинеше 27 милиони долари. Комуналниот отпад третиран во оваа централа произведува висококвалитетен биогас за транспорт, јаглерод диоксид за индустрија и органско ѓубриво за земјоделство. Претпријатијата за собирање комунален отпад плаќаат надоместок за да го одведат отпадот во централата. Надоместокот сочинува 50 отсто од приходите за централата, а остатокот од приходот се создава преку продадениот биогас (45 отсто) и органското ѓубриво (5 отсто).
Македонија може да ги искористи двете решенија за решавање на проблемот со управување со отпад. Иако вкупната инвестиција би била околу 200 милиони евра, Владата може да си дозволи да создаде јавно-приватно партнерство што би користело мешано финансирање за изградба на централите. Мешано финансирање е начин на финансирање каде што се користат јавни финансии и приватен капитал. Проектот може да ги искористи финансиските средства и грантовите од Зелениот договор на ЕУ за реализација на проектите. Дополнително, може да се наведе дека приватниот партнер се повлекува по 30 години и државата станува единствен сопственик на централите. Во Етиопија и во Јужна Африка, градежните фирми беа големи претпријатија со докажан концепт, поддржани од меѓународни организации, за да се осигурат дека се исполнети сите еколошки стандарди. Ваквиот концепт на работа докажан преку светски примери е потребно да се имплементира и во Македонија за да се зачува животната средина и подобри квалитетот на живот на граѓаните.
Со создавање централа каде што би се користело согорување и две централи за биогас, Владата може да го реши проблемот со над 91 отсто од создадениот комунален отпад во државата и истовремено да ги диверзифицира методите за тоа.
Важно е поголемата централа да биде блиску до Скопје, бидејќи главниот град и околните населени места создаваат најголем дел од отпадот во Македонија. Другите две централи можат да бидат во општини каде што би било најизводливо и најцентрално за да се собере отпад на регионално ниво. Како алтернатива, голема централа може да се изгради на централизирана локација во државата, со дополнителни регионални локации за собирање отпад. Проблем претставуваат трошоците за транспорт, кои би ги зголемиле еколошките трошоци за реализација. Битно е да се наведе дека овие се само предлози. Постојат повеќе варијанти за локациите и количеството на централи што би можеле да се изградат.
Управувањето со отпадот е критично прашање во Македонија, кое бара сеопфатен и заеднички напор за решавање. Владата мора да почне да инвестира во нова инфраструктура и технологии, како и да ја издигне јавната свест за важноста на правилното управување со отпадот. Со заеднички труд, можеме да ги надминеме предизвиците со кои се соочуваме и да создадеме почиста, поодржлива иднина за сите граѓани.
Стефан Вељановски
(Авторот е доктор по економски науки)