Во „Книгата над книгите“ самиот збор вино се спомнува 235 пати. Пиењето на овој пијалак не е ниту на црна ниту на бела листа. Генерално гледано се поддржува, дури и се препорачува пиење во умерени количества, а се критикува опијанувањето. Во неа пишува дека големите библиски ликови пиеле вино што „го разведрува срцето човеково“ и кое е „слатко како љубовта на жената“

Празникот на лозарите и на градинарите како повод

Во Светото писмо зборовите лоза, лозје, лозар(и) и вино се споменуваат 450 пати. Наведените зборови ги има и во Стариот и во Новиот завет. Од овошјата по создавањето на светот само јаболкото од кое каснала Ева е постаро од лозата. Пророкот Ное (дедо Ное) бил првиот човек што засадил лозје и понел со себе неколку садници во арката за да ги спаси од потопот. Лозјето и виното на повеќе места се употребени како параболи за да се објасни дел од животот, да се подредат односите меѓу луѓето и врската со Господ.
Во „Книгата над книгите“ самиот збор вино се спомнува 235 пати. Пиењето на овој пијалак не е ниту на црна ниту на бела листа. Генерално гледано се поддржува, дури и се препорачува пиење во умерени количества, а се критикува опијанувањето. Во неа пишува дека големите библиски ликови пиеле вино што „го разведрува срцето човеково“ и кое е „слатко како љубовта на жената“.
Во повеќе наврати библискиот говор за виното е двозначен. Виното донесува радост, но и грижи, симбол е на божјиот благослов, но и на неговата казна. За убавината на виното и неговото двојно лице говори мудрецот Сирах, кој вели „во виното немој да се јуначиш, зашто и најсилните ги оборува“. „Радост на срцето и веселба на душата е виното што се пие во вистинско време и во умерено количество. Горчина во душата раѓа кај оној што се препил, во страст и во гнев“.

Виното и опијанувањето

Во Библијата се среќаваат и повеќе примери на пијанства и последици од нив. Прв е случајот со прататкото Ное. Неговите синови го нашле мортус пијан од виното од сопственото лозје и соблечен гол, со што на синовите им нанел голем срам пред другите луѓе. Двете ќерки на Лот, жител на Содом, внукот на Аврам, го опијаниле со вино својот татко и направиле со него инцест за да добијат потомство. Го направиле тој чин зашто во околината немало други мажи.
Опишано е и како славниот цар Давид го опијанувал својот пријател за да може да има секс со жена му. Вавилонскиот крал Балтазар направил во една пригода гозба за илјада свои дворјани. Опиен заповедал да се донесат ограбените свети садови од Божјиот дом во Ерусалим и од нив да пијат вино мажите и жените и нивните љубовници. Тоа било чин на невидено сквернавење на светиите од кое поробените Евреи биле крајно навредени. Една друга библиска епизода ни раскажува дека вдовицата Јудита се одмаздила на тој начин што прво го шармирала и го завела сирискиот генерал Холоферн, а потоа го опила со вино и му ја отсекла главата. Сите наведени примери јасно ги покажуваат негативните последици од пијанството.
Занимливо е што во Библијата привилегија за пиење вино имаат само богатите луѓе. За сиромашните било многу скапо. Но и осудата за пијанство, особено во Стариот завет, најмногу се однесува на највисокиот општествен слој, на владетелите, богаташите, но и на пророците и свештениците. Во книгата на мудри изреки не случајно е напишано дека „не им личи на кралевите вино да пијат, ниту на главарите питие опојно, зашто во опиеноста може да ги заборават законите и да го превртат правото наопаку“. И пророкот Исаија говори против пијанството на свештениците и пророците. Светиот апостол Павле во посланието до солуњаните пијанството го означува како мана и предупредува дека тој што се пијанчи нема да стигне до царството Божјо. Од друга страна, Павле го советува Тимотеја да не пие само вода, туку да зема и по малку вино „за да го оправи желудникот и да го закрепне слабото здравје“.

Исус и виното

Може да се рече дека библиската слава на виното ја овенча Исус Христос. Исус во своите беседи не говори многу за виното и пијанството затоа што негови слушатели биле пропадници на средните и ниски слоеви на општеството, кои немале пари да купуваат вино. Сепак, Евангелијата отворено кажуваат дека учествувал во гозби на кои се пиело вино. Од тие причини некои од неговите противници го нарекувале „винопиец, пријател на цариниците и грешниците“.
Првото чудо што го направил Исус било на познатата свадба во Кана. Чудото е поврзано со виното. Легендата кажува дека во Кана Галилејска, Исус направил најдобро вино од чиста вода. Имено, кога на домаќинот му снемало од виното Исус наредил празните садови да се наполнат со вода. Потоа на слугите им рекол да нацрпат и да ги почестат гостите. Кога пробал домаќинот извикал: „Секој човек најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат – слабото. Ти си го чувал доброто вино досега“. Библијата вели дека „Исус во Кана Галилејска почнал да ги прави чудесата и ја објави својата слава; и неговите ученици поверуваа во Него“.
Како што се знае, виното во Библијата се спомнува 235 пати. Но врвот на неговото значење и слава е постигнат, ако така може грубо да се каже, на тајната вечера. Во четирите Евангелија, тајната вечера е последниот оброк на Исус што тој го поделил со дванаесетте апостоли пред неговото предавање од Јуда Искариот. На тајната вечера се јадело леб и вино. На собирот, Исус најавил дека ќе биде издаден од еден од неговите ученици, по што ќе биде погубен.
При вечерата тој го зел лебот во раката говорејќи: „Земете, јадете, ова е Моето тело, кое се крши за вас. Правете го ова за Мој спомен!“ Земајќи ја чашата со вино рекол: „Ова е чаша на Новиот завет во Мојата крв. Правете го ова, секојпат кога пиете, за Мој спомен!“. По вечерата е предаден, суден, распнат на крст, а по три дена и воскреснат. Врз основа на овој настан и на Исусовите зборови во христијанската религија е востановена Светата причест за верниците, која е своевидна црковна тајна.
На крајот да споменеме уште неколку занимливости. Една од легендите вели дека Исус пиел од чаша што подоцна е наречена свет грал. Со векови се трага по гралот бидејќи се верува дека тој што ќе се напие од тој сад ќе биде бесмртен. Од Исус потекнува изреката „не се сипа ново вино во стари мешини. Мешините ќе пукнат, виното ќе се излие и мешините ќе пропаднат“. Вреди да се спомене и параболата со лозјето и двајцата синови, односно дилемата што ја поставува родителот кон своите деца. Параболата, интерпретирано гласи: Кој е подобар син? Дали е оној што кога ќе му кажеш да отиде да види како е лозјето ќе рече „добро ќе одам“, ама нема да оди, или подобар е оној што ќе рече „не одам“ ама ќе оди. Ете, така е претставена и вечната родителска дилема.