Бугарските власти можат да издадат државјанство или да подарат стан на кого било, а ние не можеме да се мешаме во нивните одлуки и активности кои ги преземаат, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин, смета премиерот Димитар Ковачевски во врска со најавите на бугарското Министерство за надворешни работи дека наскоро ќе му биде издадено бугарско државјанство на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, Христијан Пендиков, кој по претепувањето во Охрид кон втората половина на јануари со бугарски владин авион беше пренесен на лекување во болница во Софија.
Пендиков добива сместување, лично обезбедување и државјанство, засега останува во Бугарија
Освен бугарско државјанство, бугарското МНР најави дека на Пендиков ќе му обезбеди и стан во кој ќе биде привремено сместен додека е во Бугарија, а можно е да добие и свое лично обезбедување зашто, како што изјави шефот на бугарската дипломатија, Пендиков стравувал за својот живот доколку се врати во Македонија.
-Што се однесува до активностите кои ги има Бугарија во рамки на својата држава и во рамки на надлежностите на нивните институции ние тука не можеме да се мешаме дали тие некому ќе дадат државјанство или ќе подарат стан, исто како што никој не може да се меша кај нас доколку ние решиме да го направиме тоа со некој граѓанин –
изјави Ковачевски.
Коментирајќи ги ставовите на бугарските власти кои велат дека нема да толерираат насилство врз Бугарите во Македонија и дека нивните права мора да бидат гарантирани, Ковачевски вели дека правата на кој било граѓанин во земјава којшто се самоопределува различно од мнозинството се издигнати на највисоко можно ниво споредено со други европски земји.
-Да не заборавиме дека кај нас правата не се само лист хартија туку се спроведуваат низ голем број инстуции коишто ние ги имаме изградено низ годините. Имаме Министерство за политчки систем, имаме агенции за унапредеување на правата на помалите заедници, агенции за употреба на јазици, што, ако споредите во друга држава не можете да најдете. Добро е што тоа сме го направиле зашто ние сме мултиетничка и мултикултурна којашто својата сила ја црпи од различностите коишто ги иамаме кај нас и така и ќе продолжиме – нагласи Ковачевски.