Целосен хаос во српското собрание следуваше во попладневниот дел од расправата кога пратениците од опозицијата, пред сè, на Двери и Заветници, се упатија кон претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Првин извикувале „предавство, предавство“, „Косово е срцето на Србија“, а потоа отишле на местото каде што тој седел.
Во исто време пратениците на СНС станаа и исто така се упатија кон масата на претседавачот. Во оваа турканица, која траеше 15-ина минути, во салата влезе и собраниското обезбедување.
Српскиот претседател Вучиќ, кој седеше во тоа време, ги повика пратениците на СНС да бидат смирени и да ѝ дозволат на опозицијата „да си го покаже своето лице“. Тој рече и дека опозициските парламентарци ѝ нанеле огромна штета на Србија со циркусот што го создале во парламентот.
„Од вас ќе ги браниме Косово и Србија“, им порача тој на оние што скандираа „предавство“ и „оставка“.
Ваквата атмосфера, на работ на инцидент, настана кога лидерот на Двери, Бошко Обрадовиќ, го повика Собранието да го отфрли француско-германскиот предлог за Косово и по неговите обвинувања против владата за која рече дека сака да изврши предавство.
– Не се надеваа дека нема да го признаеме Косово во ОН, јас реков дека нема да дозволиме Косово да влезе во ОН. Тоа е единственото нешто на што се надеваат, да се разбереме, бидејќи тоа е единственото нешто што ги интересира. Ние покажавме дека сме подготвени да слушаме, а тие не се подготвени да слушаат – изјави Вучиќ.