Со цел реализација на активности за подигнување на свеста за заштита на животната средина во основните училишта, со што ќе се поттикнуваат навики кај децата за соодветно складирање и рециклирање на отпадот, денес во основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Тодор Ангелевски”, беа донирани две паметни џубокс-канти за рециклирање на различен тип на отпад, изработени за оваа намена, од материјал алкубонд со димензии 200х140х60.

Паметните канти, сами го делат отпадот во четири различни канти, а истовремено претставуваат и џубокс што пушта македонски и светски музички хитови.

Донацијата е дел од проектот „Поттикнуваме промени да ја заштитиме природата“, кој го спроведува компанијата Ново Нордиск, а се реализира согласно потпишаниот Меморандум за соработка со општина Битола.

На денешното предавање на донацијата во училиштата, присуствуваа градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставници на донаторот, директорите на училиштата, како и пратеничката Олга Лозановска, со чија поддршка, општината и компанијата Ново Нордиск, ја воспоставија соработката.

Донацијата, претставува вистинско поврзување на музиката и екологијата, а истовремено преку современата технологија, дава можност за стекнување на добри навики и зголемена одговорност на учениците кон животната средина. М.М.