Поради бучавата што ја прават бродовите, китовите, фоките и другите морски животни го напуштаат Арктикот
Со векови морските животни типични за областа биле храна за народот Инуити, меѓутоа сега, долго пред компанијата „Хадсон беј“ да го отвори својот трговски камп на Арктикот во 1921 година, им е сè потешко да добијат храна и за тоа ја обвинуваат бучавата што доаѓа од бродовите..
Истражувачите го споредија минувањето на мразокршачите, бродови што сѐ повеќе се присутни на Арктикот, со подводен рок-концерт. Бучавата што доаѓа од бродот може да биде предизвикана од сè, од пропелерот, преку обликот на трупот, па до различните машини што се наоѓаат на бродот.
Бучавата може да ги наруши активностите што им се потребни на морските цицачи за да преживеат, бидејќи го намалува нивниот простор за комуникација. Тоа предизвикува стрес кај овие животни и ги принудува да излезат од важните живеалишта.
Сѐ повеќе бродови, сѐ помалку китови и фоки
Подводната бучава од сѐ погустиот бродски сообраќај е двојно зголемена на Арктикот во последните шест години. Се очекува таа повторно да се удвои во текот на следната деценија, бидејќи климатската криза го топи мразот и отвора нови бродски маршрути.
– Инуитската заедница на островот Бафин забележа зголемување на бројот на чамци и бучавата што ја прават, а ловците не гледаат нарвали на вообичаените места. Мора да одат подалеку за да ги ловат, што носи ризици, трошоците за гориво се повисоки, а сето тоа влијае на пренесување на културното знаење на новите генерации – вели Лиза Коперквалук, претседателка на Циркумполарниот совет на Инуитите.
Морските животни бегаат од бучавата
Неодамна, здружението што претставува 180.000 Инуити во Алјаска, Канада, Гренланд и рускиот регион Чукотка, ја повика Меѓународната поморска организација на Обединетите нации да усвои задолжителни мерки за намалување на подводната бучава од бродовите, за која стравуваат дека ги погодува морските цицачи.
– Иако Инуитите зависат од испораката на основните производи и услуги, тие сакаат арктичкиот регион, кој е чувствителен на подводна бучава, да биде заштитен од нејзиното влијание, како и од други видови загадувања – посочи Коперквалук.
Според неа, гренландските китови, белугите, прстенестите фоки и нарвалите се главните морски цицачи од кои зависи популацијата на Инуитите.
– Ако бучавата влијае на ловот на Инуитите, тогаш е засегнат и преносот на знаење. Помладите генерации имаат помалку можности за учење – рече таа.
Познато е дека подводниот шум од бродовите влијае на некои видови китови, вклучувајќи ги и нарвалите и белугите, како и рибите како што е арктичкиот бакалар, според Арктичкиот совет, меѓународен форум на осум арктички земји и шест арктички домородни групи, кој го вклучува и Циркумполарниот совет на Инуитите.
Построго регулирање на бучавата што потекнува од бродови
Меѓународната поморска организација на Обединетите нации воспостави насоки за намалување на подводниот шум од комерцијалниот превоз во 2014 година, а сега размислува дали да ги ревидира.
Советот на Инуитите сака задолжителни упатства, додека Канада предлага работна група што ќе се занимава конкретно со бучавата.
Комитетот е исто така одговорен за инкорпорирање на домородните знаења во својата работа, дозволувајќи им на Инуитите и другите домородни заедници да се вклучат во процесот, како и да истражуваат начини за подобрување на прифаќањето на упатствата.
Инуитските групи и другите невладини организации велат дека доброволната природа на упатствата значи дека е постигнат мал напредок во намалувањето на подводната бучава. Во меѓувреме, бучавата од поморскиот транспорт продолжува да се удвојува приближно секоја деценија, несразмерно влијаејќи на Арктичко и Норвешко Море.