Драмскиот театар претходно гостуваше на сцената на „Местно гледалишче“ во Љубљана и во 2022 година, со претставата „Мојот маж“, на авторката Румена Бужаровска и режисерката Нела Витошевиќ
Драмскиот театар гостува на
фестивалот РУТА во Љубљана
Драмскиот театар со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ гостува во Словенија. Во Љубљана, од 31 јануари до 4 февруари, во организација на „Местно гледалишче“ се одржува словенечкото издание на регионалниот театарски фестивал „РУТА група Триглав“.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс, направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисерка е Зоја Бузалковска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски-Димската, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и техниката фриранинг се на Симон Симоновски.
Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Премиерата на „Чудна случка со кучето во ноќта“ беше во декември 2021 година и досега има петнаесетина изведби.
Режисерката Зоја Бузалковска истакнува дека она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ го прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и ќе може да ја одреди за една од своите целни групи и младата тинејџерска публика.
Во пресрет на ова гостување, од Драмскиот театар – Скопје потсетуваат дека во рамките на фестивалот „РУТА група Триглав“, театарот гостуваше на сцената на „Местно гледалишче“ – Љубљана и во 2022 година, со изведбата на „Мојот маж“, на авторката Румена Бужаровска и режисерката Нела Витошевиќ.