Советникот во американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, посочија дека е време да се формира Заедница на општини со српско мнозинство и дека тоа е правно обврзувачка меѓународна обврска.
Шоле и Ескобар, во авторски текст за приштинска „Коха“, објаснуваат како би изгледала Заедницата и наведуваат дека една од најважните цели на САД на Западен Балкан е да помогнат „во создавањето услови за здрави, мирни и стабилни односи меѓу Србија и Косово“, оценувајќи дека ова е историска можност која двете страни треба да ја искористат.
Тие нагласуваат дека меѓу најкритичните задачи е спроведувањето на договорот за Заедница на општини со српско мнозинство и дека е време јасно да се каже што е таа, а што не е.
Како што објаснуваат, Заедницата би била структура за општини со мнозинско српско население која би ги координирала прашањата и услугите, како што се образованието, здравството, урбаното и руралното планирање и локалниот економски развој, со други зборови функции кои се одговорност на сите општини на Косово.
Сметаат дека ова е начин да се подобри секојдневието на граѓаните, да се создаде доверба меѓу Србите и Владата во Приштина, да се обезбедат подобри врски меѓу северот и остатокот од Косово и да се создадат механизми Србите да учествуваат повеќе во општествениот живот.
Шоле и Ескобар посочуваат дека имплементацијата на Договорот за Заедница на општини со српско мнозинство е правно обврзувачка меѓународна обврска, која бара дејствување на Приштина, Белград, ЕУ, како и постојната посветеност на САД во поддршката на дијалогот со посредство на ЕУ.
Укажуваат на тоа дека посветеноста на Приштина за создавање заедница не го прекршува Уставот на Косово, ниту пак го загрозува, како што наведуваат, „нејзиниот суверенитет, независност или демократските институции“ и додаваат дека САД силно се противат на создавање каква било етничка заедница слична на Република Српска во Босна и Херцеговина.
Шоле и Ескобар наведуваат дека меѓународната заедница не бара да наметне решение, туку бара од Приштина да ја даде својата визија за Заедницата и потсетуваат дека специјалниот претставник на ЕУ изјавил дека постојат 14 слични аранжмани во рамките на ЕУ, од кои ниту еден не ги поткопува европските системи на ефективно владеење.
– Во рамките на дијалогот што го води ЕУ, Косово може да отфрли опции кои ја загрозуваат неговата правна структура, но не може да ги отфрли неговите обврски – истакнуваат двајцата високи американски дипломати.
Тие наведуваат дека општините со заеднички интереси, јазик и култура би можеле поефикасно да соработуваат за да ги решат заедничките предизвици во обезбедувањето јавни услуги, а како пример наведуваат дека општините ќе можат да креираат наставни програми и програми на српски јазик за локални училиштата во некои општини, а не да работат, како што се наведува, „во вакум“.
Шоле и Ескобар нагласуваат дека Заедницата на општини со српско мнозинство нема да биде ненационална и дека тоа би биле општини со српско мнозинство, каде што живеат не само Срби, туку и Албанци, Бошњаци и други.
Двајцата американски дипломати потенцираат дека САД се подготвени да ја поддржат Приштина во исполнувањето на обврската за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство и дека ќе стојат до неа на секој чекор.