Станува сериозно. Сериозно налудничаво. Џамбаски одлепи. Се заканува со атентат врз Пендаровски. Што знам, можеби почнаа и такви работи да ги учат во тренинг-камповите на Европската Унија. Нема да ме зачуди. Откако западниот варваризам ја започна својата нецивилизирана специјална (хибридна) воена операција против Македонија и нејзините идентитетски обележја, сè им е дозволено на разни лудаци наречени политичари и евробирократи. Сеедно што во моментов сме под евроамериканска (нордистанска) окупација, а на власт се нивни сатрапи. Идентитетскиот геноцид врз Македонија и Македонците не е завршен, треба и Бугарите да го одработат својот дел од антимакедонската (нацистичка) приказна, целосно смислена, спонзорирана и спроведувана од „меѓународната заедница“, која преку своите политички асасини, три децении спроведува идентитетски атентати врз нас и нашите корени.
Оној Милков, мислам така се презиваше, не дека не е сосема во право кога вели дека во Нордистан се вратиле црните времиња на терор и насилство, иако тој мисли на нешто сосема друго. Вистина е дека во нордистанските затвори скапуваат македонски патриоти откако врз нив беа спроведени политичко-полициски монтирани процеси. А ха, во сегашен Нордистан имаме многу моменти што потсетуваат на фашистичката окупација врз Македонија, но и времето кога царуваше удбашката инквизиција. И сето тоа, денес, е со амин на оние што ни ги претставуваат како извор на демократија и европски вредности со кои нè отекоа.
Е па, ај ако не, Русјаков, Русија нека нè окупира!
Така ми одекнува во потсвеста ехото од нордистанската баруштина, хорот составен од политички послушници, медиумски спонзоруши, интелектуална бижутерија, граѓанство луѓенца и преостанати форми на остатоци од црвената буржоазија или оние што сакаат да бидат такви. Во нивниот избор ги нема поимите слобода и самостојност. Вчера си бил под диктат на Белград, денес си под Брисел и Вашингтон, па им испорачуваш на Атина и Софија. Ако си против тоа, сигурно си под влијание на Москва. Во нивната матрица не постои самобитноста. Не знам како да им објаснам дека ни во најчудните соништа не сум ја замислил Македонија како руска губернија, ама исто така, среде нивнава ЕУ/НАТО хистерија и она што произлегува од таа евроатлантска жетва на „меѓународната“ заедница низ мојата татковина, јас се чувствувам како да сум на калхоз во Советскиот Сојуз, а демократијата и таканаречените европски вредности што ми ги продаваат, знам дека се лоша копија на потемкинови села.
Идолопоклонството не завршува. Ја менува само формата, никогаш својата суштина… жртвувањето. И денес, во името на безумноста етикетирана како не знам каква вредност, се жртвуваат луѓе, идентитети и соништа. Светот избра да му служи на Мамона, со радост ги распнува љубовта и вистината, а секоја моќна „бараба“ си дава за право да нè ослободува од слободата. Сака да ме убеди дека неговата слобода е послободна од мојата. Ако не му ја прифатиш намерата, тука е насилството, вербално или физичко, сеедно.
Знаете само што ми е горчливо смешно? Овие што денес најмногу врескаат против не знам какви руски влијанија, ако утре се преврти светот, а тој знае така брзо да се превртува, па Русија стане мејнстрим-приказна, веднаш ќе станат поголеми вујко Вањи од Русите и ќе ни ставаат врел зејтин во грло ако не ја пееме „Каљинка“. Зарем не ги гледаме меѓу нас оние што до вчера на САД и Англија им предвидуваа пролетерска иднина, како денес се поголеми „анкл Семовци“ од Јенките? Здодевно ми е веќе да повторувам.
Станува сериозно. Сериозно налудничаво. Со налудничавоста безумно е да се надмудруваш. Цинизмот, сарказмот и гротеската изгледаат како единствено оружје со кое можеш да се одбраниш од сето ова лудило, иако самото лудило тешко дека нешто ќе разбере. И така сфаќаш дека си затворен во еден квадратен круг на безумен апсурд.
Русјаков, а бе внеси ги Бугарите во колумна, за твое добро е.
Ги внесов, со нив ми почна колумната.
Ама, треба да ги внесеш Бугарите во позитивен контекст.
Океј, многу ги почитувам Иван Вазов, Елин Пелин и Георги Господинов. Во ред сме сега?
Не, знам дека не сме во ред. Нордистанските сатрапи, во остатокот од светот познати како амбасадори, не запираат со мантрата „за ваше добро“. Триесет години истото, нè ликвидираат чекор по чекор, и тоа секако е за наше добро. Ако не ги послушаш, тука се заканите, уцените, булдожерите, атентаторите, стаповите и морковите. Па, рипаат домашните апологети, кои ти врескаат дека не смееш да се бунтуваш против она што е за твое добро. Ако си упорен, тогаш непослушноста ти е руско влијание. И тука е ќор-сокакот, кој секако ти го продаваат како прекрасен автопат преку кој ќе стигнеш до ЕУ, Марс и Недојдија. Отприлика звучи вака: моменталното бугарско неофашистичко однесување е зготвено во кујните на руските тајни служби и ако не ги прифатиме бугарските услови, кои се за наше добро, тогаш сме под руско влијание и одработуваме за Кремљ. А? Генијално! Е, ај да те видам, излези од ќор-сокаков на нивната безумност што ни се топори како врвна мудрост?
Туку уште малку ќе ја измалтретирам колумнава со оној Милков. Го слушнавте што рече? Нема да ги блокирале пристапните преговори на Нордистан со ЕУ, затоа што тие преговори никогаш не започнале. Како? Па, нели датум добивме? Зошто јас нестрпливо чекам да дојдат оние шест месеци кога Нордистан заседава со ЕУ? Си велам, само уште да влеземе во еврозоната, да почнеме да славиме Божиќ на 25 декември, да акнеме уште едно вето на некоја нова резолуција за забрана на величење на нацизмот и ете сме, кончено, до гуша зацапани во цивилизација.
Кога, Бугаринов вели не сме ни почнале преговори. Како, бе, така? А селфиња од авиони, рачето на гради ставено, пување од собраниски говорници, зарем тоа не беа крунски докази за почетокот на нашите преговори? Каде е да крикне Урсула на чист северномакедонски дијалект на бугарскиот јазик за да ги потсмири збунетите нордистанци? Ќе ѝ се обрати на нацијата измислена од Тито или уште е зафатена со броење руски чипови од микробранови печки и фенови? Не, а?
Види, Русјаков, вистината е едноставна. Нордистан само што не започнал пристапни преговори со ЕУ, Марс и Недојдија, ама прво треба, за ваше добро, да смените устав, личен идентитетски опис, гумички на чешмите каде што сè уште капе вотка, постелнина извалкана од непотребна љубов кон македонштина и… и да… редакцијава каде што пишуваш да те смени со колумнист паднат во буре со европски вредности како Обеликс во буре со волшебна напивка и, секако, некој со поубаво лице и политички коректно презиме.