В сабота, 28 јануари, со почеток од 18:30 часот во во Културно информативниот центар – Скопје („Сала Империјал 2“) ќе се одржи промоцијата на „Ведра“, книга за деца од Јулијана Величковска, илустрирана од Марио Каев. Книгата ќе ја претстави проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а читањето ќе биде проследено и со авторската музика на Јован Јовановски, компонирана специјално за ова издание,
што претставува две во едно: сликовница и аудиокнига.
-„Ведра“ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува. Го има оддалечувањето од домот, ги има опозициите добро – зло, светло – темно, блиску – далеку, но има и изненадувања, кои самите ќе ги откриете кога ќе ја прочитате. „Ведра“ ги има главните карактеристики на литературата за деца: директно му се обраќа на детето, ненаметливо го подучува, нежно влегува во неговиот несвесен свет и таму менува колективни знаења што не се нужно точни; покрај тоа, духовита е, и приказната и илустрациите. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого ‒ Ѓоко Здравески.
-„Ведра“ е како микро и макро патување низ сите сплетени приказни од народното творештво со најбрз кабриолет и со најфраерски очила за сонце! Ова е сликовница омаж на пријателството, слатководна, брзоречита, лесночитлива во изразот. Играта со римата и песнопојот во текстот, прави чувство како да сте во постојан ритам на приказната, како да пеете. Мајсторски се вметнати елементи од современите и вечни стравови на децата (инјекции, манџи, ако плачеш – ќе ти дојде змејот!) и на родителите (дете што постојано плаче или постојано e на таблет). Сладокусна, вкусна, игрива и поучна приказна за деца, но и за возрасни. Илустрациите го доловуваат ефектот на спектакл преку интензивните, конкретни бои (…) оваа сликовница работи со архетипски слики, пренесувајќи ја најубавата порака – кога ти е тешко, исплачи се. Ќе ти се разведри и ќе ти стане полесно. Само читај и верувај во добрината ‒ Ана Голејшка Џикова.
-Волшебна приказна за една волшебна плачка ‒ малата принцеза Ведра. Бајка која ќе им помогне на малите плачковци да победуваат змејови, а на возрасните да не ги осудуваат кога плачат. Забавна, имагинативна и фантастично илустрирана книга, која ни ја открива скриената моќ на солзите ‒ Иван Шопов.
Јулијана Величковска е писател, уредник и преведувач.
Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“.
Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, ПНВ Публикации); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, ПНВ Публикации), и на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев, (2022, ПНВ Публикации), како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.
Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во три антологии на куси раскази, објавени во Македонија.
Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија во 2017г.
Изданието е поддржано од Министерството за култура.