Доколку се занимавате со некој спорт рекреативно, мора да водите сметка за својата исхрана, за да можете максимално да ги искористите своите физички способности. Прочитајте неколку корисни совети за правилна исхрана на тинејџерите во текот на тренинзите.
Без диети
Бидејќи на тинејџерите што тренираат им е потребна дополнителна енергија, не се препорачува никаква диета. Но ако тренерот го бара тоа од детето, треба родителите да се советуваат со лекар и со нутриционист.
Разновидна храна
Не е добро да се јаде еднолична исхрана, без оглед на нејзиниот квалитет. Јаглехидратите се одличен извор на калории, но не заборавајте дека ви се неопходни и витамини, минерали, протеини и масти за да бидете во форма.
Запаметете: калциумот ги јакне коските, а железото го пренесува кислородот во мускулите. Повеќето тинејџери ги избегнуваат, ама ако се физички активни мора често да консумираат: немасно месо, риба, пилешко и зеленчук и овошје. Тоа ќе им овозможи да бидат уште поуспешни.
Силата на протеините
На спортистите им се потребни повеќе протеини отколку на тинејџерите што не се толку активни, но не е сосема точно дека за да имате силни мускули треба целодневно да внесувате големи количества протеини. Мускулната маса се зголемува со редовно и напорно вежбање, а преголемото внесување протеини може да предизвика проблеми со бубрезите. Ако ги јадете во нормални количества здрави се: рибата, јајцата, пилешкото и млечните производи, лешници, сол и путер од кикиритки.
Задолжителни јаглехидрати
Јаглехидратите се одличен извор на енергија за секој спортист. Нивната намалена употреба, како и шеќерот во помали количества можат негативно да се одразат на формата на тинејџерите спортисти, бидејќи ќе се чувствуваат изморено и малаксано. Овошјето, зеленчукот и житата се одличен извор, но сепак, внимавајте да не претерувате со слатките.
Мастите се гориво за организмот
Секојдневното внесување масти е неопходно за секој организам, а особено за спортистите, бидејќи кај нив маснотиите согоруваат многу побрзо. Експертите на младите спортисти им советуваат да употребуваат растителни масти и да не претеруваат, бидејќи храната што изобилува со маснотии побавно се вари, па треба да ја избегнуваат неколку часа пред тренингот.