И продолжението на учебната година започна со ветување дека учениците ќе ги добијат учебниците што не ги добија во целото прво полугодие, но и ветување за нов закон за учебници со кој би требало да се надмине овој проблем
ЗА ОСНОВЦИТЕ И СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ЗАПОЧНА ВТОРОТО ПОЛУГОДИЕ
Откако беа искористени и дополнителните три дена за зимски распуст (кои ќе се одработат во јуни), вчера, на 23 јануари, започна второто полугодие на учебната 2022/23 година.
Учениците од второ одделение добија ветување од министерот за образование и наука Јетон Шаќири дека на почетокот на второто полугодие ќе ги добијат учебниците по математика и општество. Пред почетокот на второто полугодие, министерот Шаќири истакна дека годинава ќе има и дел од учебниците за средно гимназиско образование, а речиси сите учебници за средно стручно образование ќе бидат целосно достапни и во електронска форма.
Министерството за образование и наука годинава ќе обезбеди и нови учебници за странски јазици за основно и средно образование, а министерот го најави и новиот закон за учебници.
– Министерството за образование и наука со оглед на предизвиците со учебниците што се појавија утврди дека има потреба од нов подобар закон за учебници, со кој ќе се минимизираат можностите за грешки, доцнење и слични проблеми и убеден сум дека следниот септември дел од проблемите што се појавија ќе бидат минато и нема да се повторат. Иако МОН не е дел од процесот на одобрување учебници, ја користам приликата да ја информирам јавноста дека ги активираме сите можни механизми, довербата на граѓаните да биде уште поголема – рече Шаќири.
Освен нов закон за учебници, Шаќири најавува дека и инвестициите во нови лаборатории, надгледни средства, таблети и компјутери ќе се удвојат, а стотина училишта ќе имаат целосна покриеност со безжичен интернет, со што би се намалил дигиталниот јаз.
Прашан дали годинава ќе има зголемување на платите на наставниот кадар во основните и во средните училишта, Шаќири вели дека лани добиле рекордно покачување на платите од 15 отсто, а оти во моментов со синдикатите се разговара и за донесување нов колективен договор.
– Ценам дека трудот на наставниците сѐ уште е недоволно награден, со оглед и на инфлацијата, па така ние и во моментов разговараме со синдикатите и бараме решение за нов колективен договор, со кој ќе се покачат платите во образованието – рече Шаќири.
Министерот за образование и наука смета дека со инвестициите во наставниот кадар, неговото усовршување, реновирањето на училиштата, со воведување целодневна настава на целата територија на државата ќе се побара и поголем труд од наставниците, со цел да има поподготвени ученици, кои полесно ќе се вклучат на пазарот на трудот.