Европската комисија наскоро ќе предложи два нацрт-закони поврзани со борбата против корупцијата, најави на дебатата, посветена на корупцијата помеѓу европратениците во Европскиот парламент, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
– Новото законодавство ќе обезбеди јасна дефиниција за корупцијата и ќе воведе униформни казни во ЕУ за ова кривично дело. Ќе бидеме максимално строги, ќе им ги дадеме на полицијата и на судовите алатките што им се потребни за да се искорени корупцијата, додаде Јохансон.
Таа посочи дека вториот предлог-закон ќе биде да се расветли прикриеното странско влијание, сомнителните странски финансирања и странските организации кои суптилно влијаат на јавното мислење и ја поткопуваат демократијата.
– Корупцијата е сериозно кривично дело, повеќе од половина од криминалните организации се поврзани со коруптивни активности. Корупцијата купува луѓе, политичари и моќ, наведе Јохансон.
Таа истакна дека Обвинителството на ЕУ во првите седум месеци од почетокот на својата активност започна истрага за сомнежи за измама со вкупно пет милијарди евра од европскиот буџет.