Шефицата на германската дипломатија Аналена Баербок денеска побара да се формира специјален меѓународен суд кој ќе ги гони руските лидери за инвазијата врз Украина.
– Потребен е суд кој ќе го испита руското раководство и ќе го суди. Украинската Влада разбирливо е загрижена што Русија не може да се гони за агресија пред Меѓународниот кривичен суд, бидејќи судот може да се занимава само со случаи во кои обвинителот и обвинетиот се членови на судот – истакна Баербок во говорот на Академијата за меѓународно право во Хаг, каде што е седиштето на Меѓународниот кривичен суд (ИЦЦ).
Русија не е членка на ИЦЦ и како една од петте постојани членки на Советот за безбедност има можност за вето и најверојатно ќе го блокира секој обид за обраќање до решавање на ИЦЦ.
– Разговаравме за соработка со Украина и нашите партнери за идејата за формирање специјален суд за злосторства на агресија против Украина – посочи Баербок.
Таа додаде дека таквото тело може да ја заснова својата јурисдикција на украинскиот кривичен закон.
– Кон него може да се додадат меѓународни елементи на локација надвор од Украина, со финансиска поддршка од партнери и со меѓународни обвинители и судии, за да се гарантираат непристрасноста и законитоста – наведе Баербок.
Украина и Европска Унија претходно јавно ја поддржаа идејата за специјален суд.